25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје троши 317.000 тони дрва во една сезона, што е еднакво на...

Скопје троши 317.000 тони дрва во една сезона, што е еднакво на сите дрвја на Водно

Во текот на една грејна сезона во Скопје е користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја што ги има на Водно, рече директорката на УНДП за Македонија, Луиза Винтон на денешниот координативен состанок со министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и заменик-министерот Јани Макрадули, со градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

„Толкава шумска површина се сече во другите делови на земјата за жителите на главниот град и на регионот околу него да се затоплат во само една година. Следната сезона ќе се исече уште едно Водно и тоа ќе продолжи и во наредните години ако не се преземат мерки“, рече таа.

За да се намали загадувањето на воздухот се предлагаат три мерки. Првата мерка, којашто бара најмалку финансиски средства, е да се зголеми користењето на парното греење онаму каде што има мрежа, односно што повеќе домаќинства што се имаат исклучено повторно да се приклучат на парно.

Втората мерка е оние што се греат на дрва да ги заменат старите и неефикасни печки со нови грејни тела, а третата мерка, којашто е и најскапа е да се зголеми енергетската ефикасност, бидејќи над 50 насто од објектите треба да се реновираат затоа што не се енергетски ефикасни.

Но, загадувањето не доаѓа само од греењето на дрва. Во истражувањето на УНДП се посочува дека голем придонес во загадувањето на воздухот има и палењето на пластика, лакирани материјали, јоргани, облека и друго ѓубре. Во студијата, исто така, се посочува дека, освен во општината Шуто Оризари, во другите општини не постоело совпаѓање меѓу имотната состојба на граѓаните и начинот на греење, но постоело совпаѓање со образовната структура на населението, што укажува дека треба да се едуцираат граѓаните и да се работи на јакнење на нивната свест.

Според податоците од новата студија што ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), презентирана на координативниот состанок за загадувањето што се одржа во Клубот на пратениците, дури 45 насто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 насто на електрична енергија, а само 21 насто се приклучени на парно, а греењето најмногу придонесува за загадување на воздухот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП