28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: телевизии - МРТ со најмногу вработени, најмалку гледачи и милионски долгови!

Анализа: телевизии – МРТ со најмногу вработени, најмалку гледачи и милионски долгови!

Македонската радио телевизија (МРТ) има повеќе вработени од петте приватни национални телевизии заедно, а истовремено има и најмалку гледачи. Истовремено јавниот сервис има и милионски долгови!

МРТ има 905 вработени!

Македонската радио телевизија (МРТ) на крајот на 2016-та имала 864 вработени или 4 повеќе во однос на 2015-та.

МРТ има ангажирано над 200 новинари; околу 80 уредници; скоро 350 режисери, монтажери и сниматели; 20-на инженери и техничари, како и околу 200 заведени под категоријата останат кадар. Околу половина од вработените се со високо, а половина со средно. Има и 70-на кои се водат под ставката „друго“ образование.

„636 од вработените биле Македонци, 176 биле Албанци, 34 Турци, 31 Срби, 5 Роми, 8 Власи, 6 Бошњаци, а 9 биле припадници на други малцински заедници“ се наведува во извештајот на Агенцијата за медиуми (АВМУ).

Петте приватни национални имаат само 687 вработени!

Петте телевизии кои емитуваат на национално ниво (Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат – М) заедно имаат вкупно 578 вработени  што е помалку од МРТ која има 864 вработен!

И кај приватните телевизии имало зголемување на бројот на вработени. На крајот на 2016-та биле 578, а на крајот на 2015-та 687.

Најмногу вработени има Канал 5, потоа следуваат Сител, Алсат, Телма и Алфа.

Во 2016 година, во сите комерцијални телевизии заедно биле вработени вкупно 1.862 луѓе.

„Во комерцијалните телевизии биле ангажирани 1413 Македонци, 345 Албанци, 24 Бошњаци, 23 Турци, 20 Срби, 14 Роми, 11 Власи и 12 лица од други националности“ се наведува во извештајот од АВМУ.

Најгледана телевизија повторно Сител

Анализите на АВМУ покажуваат дека и натаму најгледана телевизија во Македонија е Сител.

На прашањето „кој телевизиски канал го гледавте вчера“ 35.58% од испитаниците одговориле Сител, 28.88% Канал 5, 18.83% Телма, 14.92% Алсат – М, 13.79% 24 Вести, 13.00% Алфа, 11.38% МРТ1, а 4.79% Нова ТВ…

Од странските телевизии кои се достапни преку кабелска најгледан е Discovery, 7.63% од Македонците барем еднаш во текот на денот го вклучуваат овој канал. Зад него е Sport Club со 6.79%, па Fox со 4.67%.

Податоците се однесуваат на периодот јули – септември 2017-та. Гледаноста е речиси непроменета во однос на истиот период лани освен што 24 Вести ја преминала Алфа во бројот на гледачи.

Телевизијата останува прв извор за информирање

Анализите на АВМУ покажуваат и дека телевизијата го задржува водството над останатите медиуми во однос на информирањето на граѓаните.

Речиси 75% од граѓаните, секој ден или речиси секој ден за домашни и странски настани се информирале од телевизијата. На второто место е интернетот со околу 50%. Печатените медиуми и радиото имаат многу помало учество.

Најмногу играна, најмалку културна програма

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) кои се однесуваат на 2014-та година МРТВ на своите три канали емитувала 20.197 часови програма или во просек по 55 часа на ден. 10-те приватни телевизии кои зрачат на државно ниво во истиот период емитувале 81.615 часови програма на ден или во просек секоја од нив по 22.4 часа.

Податоците укажуваат дека на македонските телевизии има најмногу играна, а најмалку културна програма.

Така МРТВ во просек емитувала по 8 часа филмови и серии, по 7 часа музика, по 5 часа и 30 минути забавни емисии, речиси исто толку и спортски. За вести биле одвоени по 6 часа на ден, а за друга информативна програма по речиси 4 часа. Реклами имало по 12 минути на ден.

Состојбата кај приватните телевизии е малку поинаква. Тие во просек прикажувале по 6 часа филмови и серии, нешто над два и пол часа информативна програма, речиси исто толку и вести. Забавни емисии имало по 2 часа и 15 минути, а музика нешто под 2 часа. Приватниците просечно прикажувале секој ден по 1 час и 39 минути реклами.

Македонската телевизија има милионски долгови

Македонската радио телевизија има милионски долгови кон дузина доверители:

  • кон доверителите на Париски и лондонски клуб од 3 милиони евра,
  • кон Управата за јавни приходи од 3 милиони и 100 илјади евра,
  • кон Аеродроми на Македонија од 3 милиони и 524 илјади евра,
  • кон ТСЕ од 996 илјади евра,
  • кон ЕЛЕМ од 126 илјади евра,
  • кон ЕБУ од нешто над 1 милион евра.

МРТ минатата недела излезе со соопштение во кое тврди дека сегашниот менаџмент од 2012-та до сега има платено стари обврски во висина од 13 милиони и 257 илјади евра.

„И покрај плаќањето на олку голема сума МРТ се уште голем долг кој е создаван во изминатите 25 години… Со ограничените приливи и недоволните финансиски средства за нормално функционирање на МРТ, плаќањето на старите обврски и долгови, Македонската радио телевизија не е во можност редовно да ги сервисира тековните финансиски обврски“ се наведува во соопштението од МРТ.

Од Владата, пак, велат дека наталожените долгови дополнително ги отежнувале медиумските реформи, а засега немаат конкретно решение.

„Свесни сме за ситуацијата. Во тек се реформите во медиумскиот дел според препораките на Прибе. Самиот долг е нешто што дополнително ги отежнува работите, но во моментов немаме ништо разговарано околу долгот на МРТВ. Дополнително ќе се расправа за тоа. Сите работни групи работат, медиумските реформи се уште се во фаза на подготовка. Се очекува да бидат готови до крај на годината“, изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Укината радио дифузната такса

Функционирањето на јавниот сервис е дополнително отежнато со укинувањето на радио дифузната такса.

Со измените на законот кои беа донесени во септември се предвидува приходот, што досега го добиваше МРТ преку собирање на оваа давачка, да се финансира од буџетот и тоа во износ од 0.5 проценти од вкупниот државен буџет што преведено за следната година е 14.3 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП