2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВо Велешкиот театар премиера на „Волшебникот од Оз“

Во Велешкиот театар премиера на „Волшебникот од Оз“

Театарот „Џинот“ од Велес со организирана посета на ученици од основно училиште, во среда премиерно ќе ја изведе претставата за деца „Волшебникот од Оз“ од Л.Френк Баум, во драматизација на Катерина Момева, а во режија на Александар Ивановски.

Претставата е базирана врз ликовите од детската книга „Прекрасниот волшебник од Оз“ на Л.Френк Баум, според која е направен и светски познатиот филмски мјузикл од 1939 година. Претставата ја раскажува авантурата на девојчето Дороти кое од својот роден Канзас залутува во волшебната земја од приказните наречена Оз. Сакајќи да се врати дома, по патот што води до големиот волшебник, Дороти ги запознава своите идни пријатели страшилото, лимениот дрвосечач и лавот. Заедно со нив успева да ги совлада сите пречки поставени од лошата вештерка од Запад. „Волшебникот од Оз“ е претстава за универзалните човечки особини, како што се мудроста, способноста да се сака и храброста.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, а костимографијата на Катерина Чукниева. Во претставата настапуваат актерите: Талија Настова, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Марија Стефановска, Александар Велјановски, Маја Љутков, Кети Борисовска и Драгана Босниќ.

Првите изведби на претставата по нејзината премиерна изведба ќе бидат со организирана посета на ученици од основните училишта во Велес, по што ќе има и изведби на репертоарот на театарот во слободна продажба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП