6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Рајски документи“: Тајниот свет во кој моќните ги чуваат своите милијарди

„Рајски документи“: Тајниот свет во кој моќните ги чуваат своите милијарди

Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) објави истражување за имотот на повеќе светски лидери и моќни личности скриени во фондови и офшор сметки, кои го откриваат тајниот свет во кој тие ги чуваат нивните милијарди.

Во истражувањето „Рајски документи“ има податоци за офшор средства на британската кралица, за поврзаноста на близок соработник на Доналд Трамп со руски државјани, тајни бизниси на соработникот на Џастин Трудо и за уште 120 политичари и моќни личности.

Исто така, во ткн. „Рајски документи“ кои протекоа во јавноста се споменуваат големи брендови и интернационални компании како што се „Епл“, „Најк“ и „Убер“.

Новинарите истакнуваат дека во документите се споменуваат легални бизниси и деловни потези преку офшoр компании и фондови, како и дека споменувањето на кое било име не упатува на тоа дека некој го прекршил законот.

Во „Рајските документи“ има информации за парични средства кои соработник на Трамп ги добивал од енергетска компанија од Русија чиј ко-сопственик е зетот на Владимир Путин, за 13 милиони долари кои преку офшор компанија ги вложувала кралицата Елизабета Втора, за бизнисите на поранешниот американски генерал Весли Кларк, но и за парите кои преку државните компании Русите ги дале во „Фејсбук“ и „Твитер“.

Како што се наведува, зад инвестицијата на рускиот милијардер Јуриј Милнер во Силиконската долина стои лавиринт на офшор компании, но и пари на руската ВТБ банка и гигантот „Гаспром“.

Во „Рајските документи“ се споменуваат и имиња на ѕвезди од забавната индустрија како Мадона и Боно Вокс, како и начините на кои тие на легален начин го чуваат своето богатство од оданочување.

Во документите се зборува и за деловните врски во англиската Премиер лига и за врските на руски тајкуни со фудбалските клубови Арсенал и Евертон.

Како и во претходното големото откритие „Панамски документи“ кое го истражуваа новинари од повеќе од 100 редакции собрани под капата на ИЦИЈ, клучните документи и овој пат ги доби германскиот весник „Зидојче цајтунг“.

Во „Рајските документи“ има податоци за офшор активности на 120 политичари и светски лидери меѓу кои и британската кралица и 13 блиски соработници и донатори на претседателот на САД, Доналд Трамп како и на 100 мултинационални корпорации меѓу кои „Најк“, „Епл“ и „Убер“ и производителот на ботокс „Алерган“.

Во наредните денови се очекува објавување на низа документи. Гигантот „Еплбај“, еден од лидерите во офшор бизнисот, најверојатно е извор на документите, а соопштено е дека тие најверојатно се украдени во сајбер напад минатата година.

„Еплбај“ веќе објави дека се занимава исклучиво со легални активности и дека пружа услуги на клиенти во рамки на меѓународното право.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП