4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВработените од „Фени“ обвинуваат дека Синдикатот е продолжена рака на раководството кое...

Вработените од „Фени“ обвинуваат дека Синдикатот е продолжена рака на раководството кое е под истрага

Доцна синоќа, Синдикатот на „Фени“ на огласната табла во фабриката закачил известување за вработените дека подготвува протест пред локалните филијали на банките кои иницираа предстечајна постапка за комбинатот без претходно да ги консултира вработените. Синдикатот преку огласната табла ги известува вработените и дека бара гаранации од премиерот Зоран Заев.

„Во врска со известувањето за протест што треба да го искажеме пред локалните филијали на Стопанска банка, Комерцијална банка и Силк Роуд банка кои се главните баратели за стечај (во Основен суд Велес по основ на стечајна апликација), ве известуваме дека вработените во Фени Индустри не заземаат страна и фаворити во продажбата на нашата компанија. Затоа ве информираме дека нашата основна цел и внимание се фокусирани на основниот наш интерес, а тоа е банките да ни излезат во пресрет и да лобираат до Владата на Република Македонија за нашите барања а тоа се: нашата компанија да не оди во стечај, да се исплаќаат платите во целост, да немаме прекин на работниот однос и за цело време до моментот на продажбата да имаме статус на вработени во нашата компанија. Исто така ќе бараме и писмена гаранција од премиерот и вицепремиерот на Владата на Република Македонија во врска со сите наведени барања“, стои во известувањето до вработените потпишано од претседателот на Синдикатот Ѓоре Палитов.

На крајот од известувањето има напомена во која Синдикатот ги замолува сите вработени за време на протестот да бидат во работна униформа. Кога ќе се одржи протестот Синдикатот не ги известува.

Ваквото известување предизвика револт кај вработените кои сметаат дека Синдикатот е продолжена рака на раководството кое со години ја носи фабриката во пропаст.

„Одлуката за протест Синдикатот не ја донел заедно со вработените туку најверојатно само во комуникација со раководство на фабриката кое отворено се залага за бугарската компанија ‘Енекод’. Нас никој не не праша дали сме согласни на протест. Претседателот на синдикатот Ѓоре Палитов дејствува како продолжена рака на раководството против кое се веќе поднесени кривични пријави. Дознавме дека додека нам ни кратат од платите, него му го зголемиле коефициентот за плата и му ветиле дека ако ја истурка работата ‘Енекод’ да ја купи фабриката, ќе му вработат член на семејството. Сите наши барања за протест досега тој ги игнорираше, а сега сам носи одлука за протест“, велат вработените укажувајќи дека имаат колеги кои што биле избркани од работа кога гласно ќе побарале да се организира штрајк.

Тие се револтирани што претседателот на синдикатот Палитов, на состаноците во фабриката го носи и претходниот претседател на Синдикат, Илија Хаџиниколов, кој бил разрешен поради проневера на 30.000 евра синдикални пари.

„На состаноците тој е најгласен во барањето вина за состојбата во ‘Фени’ кај сите други но не и кај раководството. Неговата снаа работи во сметководство во фабриката и тој добро знае кој е виновникот но од петни жили се труди да го заштити. Палитов ниту еднаш не ни објасни зошто му дозволува да доаѓа на состаноците“, велат вработените.

Синдикалецот Палитов е недостапен за коментар. Не одговара на мобилниот телефон.

Извор: Макфакс

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП