27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОсмани: Мора повеќе да ги користиме средствата од ЕУ за инфраструктура и...

Османи: Мора повеќе да ги користиме средствата од ЕУ за инфраструктура и енергетика

Заменик-претседателот на Владата, кој е задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на национален ИПА-координатор (НИПАК), заедно со својот колега, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, го предводеше координативниот министерски состанок на Националниот инвестициски комитет.

Состанокот беше одржан со цел да се разгледаат составот на НИК и единствената листа на проекти, а беа разгледани и потенцијалните проектни предлози кои се зрели за поднесување и ги задоволуваат барањата на инструментот инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан. Во согласност со ЕУ-агендата за поврзување (т.н. конективити-агенда) и програмата на работа на Владата 2017-2020, на состанокот беа дадени препораки за нејзино ревидирање од страна на надлежните министерства од аспект на статус на реализација на проектите.

„Наша обврска е да испорачаме што е можно поголема апсорпција на средствата предвидени за инфраструктурно и енергетско поврзување на земјите од Западен Балкан. Тоа е основа за поголема меѓусебна соработка, побрз економски развој, но и најдобар начин за премостување на политичките разлики и затворање на отворените прашања меѓу соседите“, истакна Османи на состанокот потенцирајќи ја важноста на реализацијата на фондовите на Европската Унија за Македонија.

Дополнително, вицепремиерот Османи даде насоки во однос на предусловите за успешно функционирање и користење на средствата од ИПА 2, особено регионалните фондови во делот на инфраструктура во секторите транспорт, енергетика, животна средина. Во текот на состанокот беа донесени неколку заклучоци со кои се задолжуваат ресорните министри да го комплетираат составот на Националниот инвестициски комитет, како и да ги ревидираат единствените листи на проекти на Владата, со цел понатамошно редовно одржување на состаноците на НИК во полн состав и реализација на проектите во рамките на роковите.

Националниот инвестициски комитет (НИК) е советодавно тело во кое на транспарентен начин се рангирани стратегиски инфраструктури проекти. Ова тело е формирано со цел подобро да се планираат проектите, да се одредува нивниот приоритет и да се распределуваат средствата за транспортната инфраструктура и енергетска поврзаност на земјата со земјите од Западен Балкан во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП