2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМИОА ќе го зголемува бројот на услуги што граѓаните ќе ги добиваат...

МИОА ќе го зголемува бројот на услуги што граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска се сретна со германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих.

Амбасадорот Герберих ги поздрави реформите на кои работи Владата на Република Македонија и Министерството за информатичко општество. Како што истакна амбасадорот Герберих, за него како нов амбасадор во земјава од особено значење е отвореноста на Владата за комуникација и соработка.

Министерот Манчевски ги претстави проектите на кои во моментов работи Министерството за информатичко општество. Тој се осврна на процесот на подготовка за Стратегијата за реформи во јавната администрација и функционалната анализа, што ќе резултира со реорганизација на администрацијата.

„Дигитализацијата е главна алатка за реформи во јавната администрација. Во тој контекст работиме на Регистарот на население и зголемување на бројот на е-сервиси, односно услуги што граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат“, посочи министерот Манчевски.

На средбата се разговараше и за подготовката на предлог-законот за измени и дополнување на Законот за АВМУ, процес каде што се вклучени сите засегнати страни.

Заклучокот од состанокот беше дека МИОА и германската амбасада ќе продолжат со успешната соработка, а во наредниот период ќе бидат дефинирани и конкретни заеднички активности.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП