Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ го најавува гостувањето на данскиот писател Јуси Адлер-Олсен, кому оваа година ќе му биде доделена наградата за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот.
Утре, 2 ноември, со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ ќе биде промовиран неговиот роман „Жената во кафезот“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Лара Крстева-Ичокаева. Романот е најчитаниот наслов во книжарниците на „Антолог“ оваа година, а е објавен со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Промотор на романот ќе биде режисерката, продуцентка и актерка Лабина Митевска.
Прогонувана. Киднапирана. Но достоинствена. И борбена. Гребе со ноктите по голите ѕидови на просторијата во која е заробена додека прстите не почнат да ѝ крвават. Нема начин да одреди колку е часот или кој ден е, па неделите и месеците минуваат како на бескрајна лента. Прикриениот глас во темнината е груб и немилосрден. Вели дека сето тоа ќе престане кога ќе му одговори на едно едноставно прашање…
Истрагата на мистеријата за исчезнувањето на младата политичарка Мерете Лингор е првата задача што ја презема секторот Q, во кој единствени вработени се детективот Карл Морк – кој се враќа на работа по престрелка во која едниот од неговите колеги останува парализиран, а другиот е убиен – и сирискиот имигрант Асад. Тие сметаат дека нешто е пропуштено во истрагата. Навистина, Мерете не е мртва. Сè уште не!
„Жената во кафезот“ е одличен почеток на серијалот книги за секторот Q! Веднаш по објавувањето, книгата се искачила на првото место на топ-листите и се задржала на врвот на бестселери цела година! Според книгата е снимен и филм.
Јуси Адлер-Олсен е дански автор број 1 чии книги се преведени на 40 јазици и котираат на големите бестселер-листи во светот, меѓу кои и на „Њујорк тајмс“. Во младоста свирел гитара во неколку поп-групи. Студирал медицина, социологија, филм. Бил издавач, уредник, композитор на филмска музика и продавач на книги. Добитник е на огромен број награди, а четири негови книги имаат и филмски адаптации.
На 2 ноември во 11 часот во Книжарницата „Антолог“ (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31) ќе се одржи и средба, „упанишад“, со Јуси Адлер-Олсен, на која ќе гостуваат неколку влијателни македонски блогери.
Промоцијата на романот „Диссомнии“, најновата книга на македонскиот писател Игор Станојоски, ќе се одржи на 4 ноември, со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ.