9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски најави модернизирање на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии

Николовски најави модернизирање на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на Меѓународниот симпозиум за земјоделство и храна, во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Тој во говорот на симпозиумот рече дека Владата работи на модернизирање на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини и производство на конкурентни производи.

„Земјоделството е еден од најважните сектори и во вкупниот бруто-домашен производ учествува со 13 отсто, вклучително и преработувачката индустрија, и е трет по големина сектор во земјата, по услугите и индустријата.

Земјоделството обезбедува приходи и вработување на приближно 17 отсто од работната сила во државата, иако реалниот придонес го надминува овој процент“, рече Николовски.

Тој рече дека модернизирањето на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини, производство на конкурентни производи со висока додадена вредност, зголемување на извозот, се дел од стратегиските цели на политиките на Владата во тековниот период.

„Од исклучително значење е поддршката на научно-истражувачките проекти за примена на напредни техники и технологии во земјоделското производство кај поголем број земјоделски култури кои успеваат во Република Македонија, со цел зголемување на приносите и подобрување на квалитетот и безбедноста на храната, на што во следниот период ќе посветиме сериозно внимание.
Факултетот за земјоделски науки и храна, во своето постоње од 70 години, има долга и успешна традиција на организирање средби и поттикнување на соработка меѓу домашната и меѓународната научна и стручна јавност од областа на земјоделските науки, природните ресурси, животната средина и храната“, нагласи министерот за земјоделство, Николовски.

Тој најави дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја продолжи контиунираната соработка со стручните кадри од Факултетот за земјоделски науки и храна, во делот на креирањето на аграрните политики, со цел создавање модерен земјоделски сектор прилагоден кон заедничката европска политика.

„Само како пример за нашата досегашна соработка, ќе посочам дека во моментов се подготвува петгодишната Национална програма за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во чија подготовка учествуваат и ќе дадат свој придонес не само надлежните инситуции туку и претставниците од науката.

Очекувам дека и од годишнешниот симпозиум ќе произлезат корисни наоди, истражувања и заклучоци, кои ќе можат да се применат и во пракса, со цел успешно да го заокружиме процесот на модернизирање на македонскиот аграр и приближување до европското земјоделство“, заврши министерот Николовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП