25 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: На Балканот му треба раст од пет отсто за да се...

Заев: На Балканот му треба раст од пет отсто за да се доближи до ЕУ (видео)

Премиерот Зоран Заев, заедно со премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Душко Марковиќ, и со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, вчера учествуваше на панел-дебата на манифестацијата „Самит 100“, собир на најголемите и највлијателни претставници на бизнис-заедницата на земјите од Западен Балкан. Во своето обраќање на дебатата на тема „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“, премиерот Заев истакна:

„Целиот овој регион премногу долго чека на нашето полноправно членство во Европската Унија, но и ние самите мора да преземеме дејства, сите ние од регионот, ако сакаме навистина колку што е можно побргу да го доближиме стандардот на живеење на нашите граѓани од целиот регион до стандардот на земјите од Европската Унија.

Во таа насока сите премиери од Западен Балкан, но проширено и со Хрватска, Словенија и другите земји што го помагаат овој процес, работиме на унапредување на целата регионална соработка заради тоа што сме убедени дека и Западна Европа ќе нè почитува повеќе ако бидеме поединствени, посплотени и ако покажеме поголема соработка помеѓу компаниите, а со тоа и помеѓу земјите од регионот.

Оваа шанса, што ја овозможи „Самитот 100“, да бидеме овде, е порака на единство што ја испраќаме и ние, но и вие деловните луѓе. Владата на Македонија веќе вгради регионални концепти во својата програма за поддршката на инвестициите кои доаѓаат од регионот бидејќи ги сметаме за домашни компании. Јас се надевам дека деловните луѓе ќе ја искористат оваа можност на одлична соработка помеѓу владите од регионот како егзекутива и поддршка на иницијативите на бизнис-заедницата. Како влади на земјите што ги претставуваме можеме многу да им помогнеме на сите иницијативи и стратегии што ќе ги подготвува и спроведува бизнис-заедницата.

Овие инцијативи, ваквата регионална поставеност, каква што ја покажува „Самитот 100“, претставува одлична можност и нè мотивира и нас, премиерите на владите, да бидеме конкретни во поддршките бидејќи наша цел мора да биде да ја донесеме Европа во регионот зашто само така ЕУ ќе нè прифати како рамноправни членки на Унијата – кога нашиот стандард и нашата мобилност ќе бидат барем приближно до стандардите во овие сфери во ЕУ.

Верувам дека во таква насока се движи овој наш регион. Сакам да ги охрабрам бизнис-луѓето дека ние како влади полагаме надежи во развојот и растот што доаѓаат од приватната иницијатива и приватниот сектор. Ние можеме да ги помогнеме јавните инвестиции, но регионот ќе напредува само ако напредува и приватниот бизнис“, порача Заев.

Тој и неговите гости потоа одржаа прес-конференција, на која претседателот на Владата на Република Македонија нагласи дека овој регион мора да стигне со раст од 5 проценти за да се доближи до стандардите на ЕУ, а нашите најдобри ресурси за тоа се бизнис-секторот и деловната заедница.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП