14 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев ќе ги поттикнува граѓаните да возат електрични автомобили

Анѓушев ќе ги поттикнува граѓаните да возат електрични автомобили

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, се обрати на панелот „Е-концепт за забрзување на растот базиран на поврзувањето“, што е дел од „Самитот 100“, на кој учествуваат политичките и бизнис-лидерите од Југоисточна Европа.

Потпретседателот Анѓушев истакна дека земјите во Југоисточна Европа во Македонија може да гледаат сигурен партнер и добар сосед. Во овој правец тој нагласи дека Владата на Македонија ќе прави напори да одржува одлична соработка на сите полиња со соседните земји, како и со пошироката меѓународна заедница. Тој се осврна на поврзувањето на регионот и на е-мобилноста, која беше главна тема на панелот.

„Е-мобилноста е последната лекција што Македонија треба да ја научи и затоа сметам дека треба да се вратиме на основата. Нашите земји треба да бидат подобро поврзани и ние како Влада ќе работиме на изградба на подобра инфраструктура, да го завршиме нашиот дел од работата за да создадеме подобри услови за компаниите и побрз, поефикасен и побезбеден транспорт на луѓе и стоки“, потенцира Анѓушев.

Анѓушев истакна дека Владата работи на создавање поволни економски политики, градење на квалитетна инфраструктура и одржување енергетска стабилност во земјата. Според вицепремиерот, поттикнувањето на граѓаните да користат електрични автомобили ќе има повеќекратни бенефити, како заштита на животната средина, помали трошоци за граѓаните и стабилност на енергетскиот систем.

„Граѓаните треба да имаат интерес за електрични возила, но треба да бидат подостапни ако направите да бидат ослободени од царина и акциза“, истакна Анѓушев.

„Самитот 100“ се одржува на 16 и 17 октомври и на него, освен над 150 бизнис-лидери од Југоисточна Европа, учество ќе земат и политичките лидери од пет земји во регионот и еврокомесарот за мобилност и транспорт, Виолета Булц.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП