5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКатастрофални услови на Клиника за гинекологија, по две бебиња лежат во еден...

Катастрофални услови на Клиника за гинекологија, по две бебиња лежат во еден инкубатор

Две бебиња сместени во еден инкубатор, недостиг на свеж воздух и несоодветна вентилација, покрив што протекува и простории без проточна вода, како и застарени стерилизатори за пелени и шишиња, се само дел од недостатоците на Клиниката за гинекологија што ги нотирале од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Надзорот бил вонреден по допрен глас, но и по барање на директорката на Клиниката.

– На одделението за интензивна нега и постинтензивна нега за време на надзорот е констатирано дека има зголемен обем на работа во однос на просторните и кадровските капацитети, но и во однос на опремата. Сместени се по две новороденчиња во еден инкубатор. Клиниката располага со капацитет од 25 новородени, а за време на надзорот констатирани се 49 – соопшти директорката на Инспекторатот, Ирина Бухова.

Инспекторите констатирале и недостиг на кадар, посебно во одделението за интензивна нега, каде што велат дека нема доволен број медицински сестри. За новородените се грижат четири медицински сестри во првата смена и двајца специјалисти неонатолози, а во втората и третата смена повторно по четири медицински сестри и двајца неонатолози, педијатри, од кои едниот бил ангажиран на акушерското одделение.

– Констатиран е недостиг на систем за добра вентилација во однос на свеж воздух и недобро функционирање на системот за терморегулација топло-ладно, нотирани се сериозни забелешки во однос на температурата во работните простории на Клиниката, операционите сали и салите за киретажа и одделите за интензивна нега. Од службите што ги сервисираат филтрите добиен е нецелосен извештај, односно дека филтрите се менуваат, но не се знае со која динамика. Не можеме да гарантираме за последната промена на филтрите. Покривот протекува, а тоа се забележува и од трагите во некои од собите и во други простории – изјави директорката.

Таа додаде дека ќе биде издадено решение на Клиниката за гинекологија со точно утврден период на санирање на сите забелешки. Сите овие недостатоци можеле индиректно да влијаат на смртноста на новороденчињата, иако секој случај е посебен, и станува збор за недоносени новороденчиња, констатира директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска.

– Од почеток на годината, заклучно со 30 септември, досега се починати 127 новороденчиња. ГАК е единствена институција во државата што се грижи за пациенти со ризична бременост и недоносени деца- вели директорката Јовановска.

Јовановска рече дека по објавувањето на проблемот во медиумите, се јавиле многу фирми да донираат опрема и додаде дека по локалните избори ќе се решава проблемот со недостигот на кадар, а се чека и најавената донација од 20 инкубатори од Владата, од кои 15 за Клиниката  и 5 за болниците од внатрешноста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП