Испораката на домати од Турција во Русија ќе започне кон крајот на 2017-та година, изјави рускиот министер за земјоделство Александар Ткачев.
„Кон крајот на оваа година ќе започнеме да увезуваме во Русија мали количини, околу 50.000 дo 60.000 тони домати“, вели Ткачев.
„Се договоривме со нашите турски колеги за испорака на домати во текот на зимата и во раната пролет, односно во време кога за жал ние не ги одгледуваме овие производи поради временските услови“, додава рускиот министер.
Рускиот заменик премиер Аркадиј Дворковиќ претходно рече дека Министерството за земјоделство разгледува увоз на не повеќе од 50.000 тони турски домати годишно и дека релевантната одлука во врска со тоа нема да биде донесена пред почетокот на 2018-та година.
Oд 1-ви јануари 2016-та година, Русија го ограничи увозот на турски земјоделски производи, откако беше соборен руски воен авион над Сирија од страна на турските воени сили.
Моментално се укинати речиси сите ограничувања, но забраната за увоз на домати и натаму е на сила.