5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈугославија или Македонија - каде имало подобар живот?

Југославија или Македонија – каде имало подобар живот?

Статистиката покажува дека и пред распадот на СФРЈ, нашата држава биле најнеразивиена, а многу малку е променето и во последните 26 години од прогласувањето на самостојноста.

Статистика: најбогато во Љубљана, најсиромашно во Приштина

И по речиси три децении речиси ништо не е променето во однос на развиеноста на републиките кои произлегоа од СФРЈ. Податоците за 1991-та година покажуваат дека економски најразвиена била Словенија, а најнеразвиено Косово.

Пред распадот на заедничката држава најголем Бруто – домашен производ по глава на жител имала Љубљана (160% над југословенскиот просек), следи Загреб (88% над југословенскиот просек), па Белград (47% над југословенскиот просек), Сараево (33% над југословенскиот просек). Под државниот просек биле Скопје (10% помалку), Титоград односно Подгорица (13% помалку) и на последното место била Приштина (30% помалку).

Сличен бил соодносот и на платите – најмногу заработувале Словенците, а најмалку Македонците и Црногорците.

Разликата е иста и по три децении – највисока просечна плата на просторите на Југославија има во Словенија (нешто над 1.000 евра), следи Хрватска (околу 750 евра), Црна Гора (околу 500 евра), Босна (430 евра), Македонија (370 евра), Србија (330 евра), Косово (300 евра).

Пред распадот просечната стапка на невработеност на ниво на Југославија била 16%. Најниска била во Словенија, 4.8%; а највисока на Косово, 38.4%. Во Македонија била 22.9%.

Речиси триесет години подоцна Македонија има стапка од 22.6%, Косово од 35%, Босна од 40%. Во Словенија изнесува 11%, во Хрватска 13%, Србија 17%, Црна Гора 17%.

Независна Македонија – деценија во голем минус, деценија во мал плус

Македонија излезе од Југославија како најмалку развиена република. Првите десетина години економијата беше во голем минус, а последните десет во мал плус. Ембаргото од Грција и санкциите кон Србија, распаѓањето на заедничкиот пазар и транзицијата односно приватизацијата беа главните белези на 90-те.

Статистиката покажува дека реалната плата се зголемила за 44.8%, невработеноста се намалила за околу 10 процентни поени, а Бруто домашниот производ (БДП) во просек растел за помалку од 2% секоја година од историската 1991-та до 2015-та. Ова се основите показатели од публикацијата „25 години независна Македонија“ што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Македонските работници во 2004-та прв пат имале повисока реална просечна плата од 1991-та. И во деведесеттите таа номинално растела, но била „подјадувана“ од инфлацијата, па реално останала под нивото од пред распадот на Југославија. Во последните десетина години имала посолидни стапки на зголемување, па во 2015-та споредено со 1993-та реално била поголема за 44.8%, покажуваат податоците од публикацијата .

„Просечната нето – плата по вработен во 1993 година изнесуваше 3.782 денари, додека во 2015 година изнесуваше 21.906 денари. Во периодот 1993-2015 година се забележува номинално зголемување на просечната нето – плата од 479 проценти и реален пораст од 455“ се наведува во публикацијата.

Стапката на невработеност во 1993-та била 27.7%, со мали варијации се зголемувала се до 2005-та кога достигнала 37.3% по што почнува период на намалување и доведување до 24% во вториот квартал од оваа година. Стапката на невработеност секако е обратно пропорционална на стапката на вработеност иако има помали варијации поради иселувањето и пензионирањето како резултат на стареењето на населението.

„Во периодот 1997 – 2015 година, стапката на вработеност за лицата на возраст од 15 до 64 години бележи мали промени од година во година, во насока на пораст или опаѓање. Најниска стапка на вработеност е забележана во 2004 година, по што, почнувајќи од 2005 година, стапката на вработеност е во континуиран пораст и во 2015 година достигна 47.8%“ се наведува во публикацијата.

Бруто домашниот производ (БДП) односно вкупните економски активности се намалувале од осамостојувањето во 1991-та до 1996-та, по што започнува тенденција на раст кој е прекинат во 2001-та поради вооружениот конфликт, како и во 2009-та и 2012-та пред се поради светската економска криза.

Во изминатите 25 години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%.

Сепак, и во 2015-та Македонија била речиси исто далеку од Европската Унија колку во 1991-та ако се спореди БДП по глава на жител.

„Нивото на бруто – домашниот производ на Република Македонија, по жител, изразен во волуменски индекси на БДП по глава на жител, во 2005 година беше 70% под просекот на Европската Унија, а во 2015 година е 63% под просекот на Европската Унија“ се наведува во извештајот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП