18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДенеска четири претстави на МОТ

Денеска четири претстави на МОТ

Денеска на МОТ се четири претстави меѓу кои и холандската „Лебенсраум“, специјалниот театарски проект „Бакнати од сонцето“ во кое главни актери се лица со интелектуална попреченост, како и работилница на хрватскиот драматург и професор на Академијата за драмски уметности во Загреб, Сергеј Присташ. За крај концерт на скопскиот арт бенд Поган Паган.

„Бакнати од сонцето“ 12:00 МАЛА СТАНИЦА

Водени од идејата да ги истражат актерските техники и процеси, како и создавањето на театар со приказни од секојдневието на лица со интелектуална попреченост, кои се маргинализирани од општеството, актерите и креатори на независниот театар „Пи“, Златко Митрески и Македонка Илиевска создаваат мултимедијален документарен перформанс, кој предизвикува да биде гледан и следен од публиката. Претставата директно ја отсликува елементарната потреба на сите учесници, гласно да споделат интимни приказни за нивниот поглед кон светот. Создавањето претстава настрана од театарските институции и тоа како истражувачки процес на работа со одредена група луѓе е секогаш провокација и за авторите и за публиката, затоа и треба да се проследи.

„Разговор во четири очи“18:00 МНТ, Мала сцена

Романот на Ингмар Бергман и перформативниот потенцијал прават одлична предлошка за оваа претстава прикажувајќи ја основата или соголеноста на меѓучовечките односи на главната хероина Ана Бергман и нејзините животни сопатници – свештеникот, сопругот, мајката и љубовникот. Режијата ги соголува релациите меѓу сите ликови и остава актерскиот потенцијал да доминира во оваа претстава, која ги нагласува сите лични битки со изгубеното време, прилики, жртви и пред сѐ, соочувања што ги прават ликовите.

„ЛЕБЕНСРАУМ“ 20:00 ТЕАТАР КОМЕДИЈА

Двајца мажи живеат во мал, еднособен стан. Нивните решенија за заштеда на простор се генијални. Сè е повеќефункционално: креветот е пијано, а библиотеката служи како фрижидер. Но, тие мечтаат за една жена во куќата. За да го надоместат недостатокот на женско присуство, тие создаваат механичка слугинка. Еден од мажите ѝ се додворува, другиот ја гледа во прагматична улога. Но куклата наскоро покажува дека има своја волја и одбива да ѝ се командува. Работите во еднособниот стан се менуваат.

„Лерин, полиња жито и ридишта крв“ 22:00 МКЦ

Современиот документарен пристап, почнат со претставата Солун, град на духови, режисерот Унковски и креативниот тим го продолжуваат и во вториот дел од трилогијата Солун, Лерин, Скопје. Граѓанската војна во Грција, положбата на македонското население и сите ужасии од битката за Лерин ги следат актерите низ нивните лични и сведоштва преземени од историјата. Едноставно, претстава што јавно, гласно и страстно зборува за теророт, немирот и сите затскриени и потиснати прашања на едно време. Затоа е и мошне важна за современата македонска театарска практика.

Во рамките на придружната програма е работилницата „Проект, дела, институции“ на хрватскиот драматург и професор на Академијата за драмски уметности на Универзитетот во Загреб, Сергеј Присташ е во 17:00 во МКЦ кој ќе зборува за поврзаноста на институциите и културата. Според него „Елементите на институциите неретко ги поврзуваат материјалните и нематеријалните форми на архитектура, управување, репертоар и почеток на претставите, начинот на изведување, технологија, организација на гледање, дизајн, стилски периоди итн., кои седиментирале во епистемолошки и продукциски различни историски периоди. Оттаму, институциите ги повторуваат временските шаблони што ги чинат препознатливи, но истовремено овозможуваат неприкосновени динамики во социјалната целина, кои се основата за нивниот проблематичен однос со сегашноста. Но, истовремено и затоа институциите овозможуваат и други начини на согледување на статусот на делата во уметничката продукција во однос со доминантните начини на продукција во општеството.“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП