6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев го презентираше Планот за економски раст пред академската и бизнис-заедницата

Анѓушев го презентираше Планот за економски раст пред академската и бизнис-заедницата

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на втората јавна трибина пред претставници на академската и бизнис-заедницата, како и пред претставници од невладини организации ги промовираше предлог-мерките од „Планот за економски раст“.

„Со планот ќе се поддржуваат успешни компании, односно оние кои имаат потенцијал дополнително да се развиваат. Со успешни компании, ќе имаме и успешна економија. Главни критериуми кои компаниите треба да ги исполнат за да бидат корисници на која било од мерките е да покажат просечен раст на приходите во последните три години и во истиот период да не го намалиле бројот на вработени“, истакна вицепремиерот Анѓушев.

Тој додаде дека подобро платени нови работни места, повисок извоз и поголема соработка помеѓу домашните и странските компании се само некои од ефектите кои се очекуваат со имплементација на Планот за економски раст.

„Доколку некоја компанија исплаќа нето-плата повисока за 50% од минимално дефинираната плата со закон, државата ќе ја субвенционира компанијата со 10% од висината на нето платата, а за секои дополнителни 10% повисока плата, субвенцијата ќе се зголеми за 2%. Доколку, пак, компаниите исплаќаат двојно повисока плата од просечната нето плата во земјата, субвенцијата ќе изнесува 20% од платата. Ова се однесува за вработувања во нови инвестиции, но и за нови вработувања во веќе постоечките компании, без разлика дали се домашни или странски. На овој начин очекуваме да ја отвориме спиралата за раст на плати, со што ќе обезбедиме подобар животен стандард и ќе ги задржиме младите луѓе во нашата земја“, дополни вицепремиерот.

За време на трибината претставници на академската и бизнис-заедницата позитивно ги оценија мерките за економски раст, а притоа дадоа и свои видувања како мерките би биле уште поефективни за македонското стопанство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП