27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Париз – Растот на продажбата на луксузна стока во светот оваа година ќе забави на четири до пет отсто, под влијание на успорувањето на стопанството во Кина и силниот пад на вредноста на јенот, оцени агенцијата Бен анд Ко (Баин&Co). Кризата која ја тресе Европа влијаеше на намалено купување на луксузна стока во 2012 година, но приливот на туристите на стариот континент успеа донекаде да ја компензира загубата. Меѓутоа, во првиот квартал оваа година растот на бројот на туристите во светот е успорен, така на годишно ниво се очекува максимален раст до 2 отсто, по ланските 3 отсто.

Анкара – Централната банка во Турција ја намали клучната каматна стапка за половина процентен поен во обид да го покрене стопанството. Банката главната стапка за рефинансирање ја намали на 4,5 отсто со цел за зачувување на финансиската стабилност и јакнење на девизните резерви, што аналитичарите го очекуваа. Министерот за финансии на Турција Зафер Каглајан го пофали овој потег на банката, во надеж дека тој ќе ја поттикне домашната побарувачка. – Трговијата со странство е послаба оваа година во однос на 2012, изјави министерот за турската новинска агенција Анадолија.

Белград – Белорускиот металуршки комбинат заинтересиран е за Железара Смедерево, но се уште е рано да се зборува за детали, изјави во Белград генералниот директор на тој комбинат Анатолиј Савенок. – Сега е многу рано за да зборуваме нешто конкретно за тоа и да го објавиме… ова е само прелиминарно предупредување – рече Савенок за новинарите, во Стопанската комора на Србија. Тој рече дека претставниците на тој комбинат веројатно со српските колеги ќе седнат и детално ќе разговараат за тоа и тогаш како што истакна ќе следи нешто поконкретно.

Белград – Стручниот колегиум на 11 Регионална конференција Туристичкиот пазар на Југоисточна Европа – нова развојна можност, ја додели наградата Бренд лидер на компанијата Катар Ервејс за посебен придонес во развојот на целокупната авионска индустрија. Катар Ервејс е награден како авионска компанија која постави нови стандарди за високо квалитетна услуга низ перманентна растечка ефикасност и во континуитет продолжува да дава посебен придонес кон идниот развој на целокупната авионска индустрија, соопштено е од компанијата. – Во 2011 и 2012 година прогласени сме за најдобра авионска компанија на светот. Во ноември 2012 година Катар Ерлајнс воведе летови од Белград и сите успеси постигнати на српскиот пазар за само седум месеци се уште еден доказ за посветеноста на нашиот персонал да обезбеди високо ниво на услуга која ја очекуваат патниците – при приемот на наградата рече комерцијалниот директор на Катар Ервејз Србија, Натали Бродник.

Брисел – Еврозоната во март оствари рекорден трговски суфицит од 22,9 милијарди евра, што е значително повеќе во однос на февруарските 10,1 милијарда евра, покажуваат објавените податоци на европската служба за статистика Евростат. Извозот во еврозоната во март, на месечно ниво, порасна за 2,8 отсто, додека увозот е намален за 1 отсто, соопшти Евростат. Во 27 члената ЕУ е забележан трговски суфицит од 15,3 милијарди евра, што е далеку повеќе во однос на февруарските 1,7 милијарди евра.

Брисел – Нето профитот на белгиската банкарска групација КБЦ во првите три месеци во 2013 година достигна 520 милиони евра, во споредба со профитот од 240 милиони евра од претходниот квартал и 380 милиои евра од истиот период лани. Кога ќе се изземе влијанието на колатералните должнички обврзници ЦДО, намалувањето на инвестициите и вредноста на кредитните ризици на банката, прилагодениот нето профит изнесувал 359 милиони евра, во споредба со 279 милиони евра од претходното тромесечје и 501 милион евра од истиот квартал во 2012 година, се вели во соопштението на оваа групација.

Марибор – Стечајниот управник на Превент Глобал Борис Каставник потпиша договор за продажба на Аеродромот Марибор со компанијата Авофун од Либелич, пишува мариборскиот весник Вечер. По која цена и под кои услови е продаден аеродромот се уште не е познато, а според весникот Вечер Авиофун понудил највисока цена од четирите необврзувачки понуди предадени кон крајот на јануари.

Брисел – Европската комисија соопшти дека извршила ненадејни проверки во неколку компании за производство на шеќер поради можно кршење на антимонополските прописи. – Проверките се спроведени кон крајот на април, а истрагата се однесува на пазарот на бел шеќер, наведено е во соопштението на ЕК, но не се прецизира за кои компании се работи.

Париз – Трговците, како и производителите на челик, соочени се со намалена побарувачка во Европската унија, поради мерките за штедење, се потешко доаѓаат до средства кај банките и принудени се да се свртат кон други извори на финансирање. Водечкиот независен светски трговец на челик, британската компанија Стемкор во овој момент бара мораториум кај банките на кредит од 850 милиони долари, кој групацијата не може да го сервисира.

Токио – Јапонскиот производител на автомобили Тојота, според пазарната вредност ја надмина јужнокорејската компанија Самсунг и стана најскапа азиска компанија. Пазарната вредност на Тојота сега е 22,23 билиони јени (217 милијарди долари), со што е надмината вредноста на јужнокорејскиот производител на смартфони и таблет компјутери од 20,32 билиони јени.

Белград – Нето добивката на Триглав групата во првото тромесечје оваа година, според прелиминарна проценка беше 22,9 милиони евра, т.е. 30 отсто повеќе од лани. Нето деловниот резултат на Заварувалница Триглав бил 20 милиони евра, што е за 46 отсто повеќе од лани, соопшти компанијата.

Белград – Дефицитот на буџетот на Србија за првите четири месеци оваа година беше 75,91 милијарди динари, бидејќи трошоците биле 325,76 милијарди, а приходите 249,84 милијарди, објави Министерството за финансии и стопанство. Според Законот за буџет за цела година предвиден е буџетски дефицит од 121,9 милијарди динари, т.е. примања од 965,7 милијарди и трошоци од 1.087,6 милијарди динари. Во април е забележан дефицит на републичкиот буџет од 26,1 милијарда динари, откако приходите биле 70,17 милијарди, а трошоците 96,26 милијарди динари.

Париз – Авионската компанија Кувајт ервејз потпиша договор со француската Ербас за купување на 15 авиоини од типот А320 и уште 10 авиони А350-900. Генералниот директор на кувајтската компанија Сами ал-Насеф изјави дека испораките на моделот А320 треба да почнат во 2019, а на моделот А350-900 во 2020 година, но вредноста на порачките не ја прецизираше. Договорот исто така предвидува и закуп на 22 авиони Ербас (10  А330, 10  А320 нео и 2  А321), од кои 7 ќе бидат на располагање во јули оваа година.

Ватикан – Ватиканската банка, која со децении ја потресуваа многу скандали, ќе покрене сопствена интернет страна и ќе го објави годишниот финансиски извештај, во рамки на обидите да ја зголеми транспарентноста на своето работење, изјави новиот претседател на банката Ернст фон Фрејберг. Тој рече дека банката, позната како Институт за религиски дејности ИОР и чие работење според пишувањето на магазинот Форбс од сите банки во светот најмногу е прекриена со тајни, ангажираше ревизорска фирма која ќе обезбеди банката да ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перење на пари.

Осло – Економскиот раст на Норвешка богата со нафта и гас изнесува 0,7 отсто во првиот квартал, соопшти Заводот за статистика во Осло. Во соопштението се наведува дека резултатот на првото тромесечје оваа година претставува напредок во однос на претходниот квартал, кога БДП е зголемен за 0,2 отсто. Добрите резултати се исти со очекувањата на аналитичарите и евидентирани се благодарение на солидната домашна побарувачка, растот на извозот и активноста во секторот за недвижнини.

Љубљана – Приходите на сите компании во Словенија лани изнесувале 78,8 милијарди евра, што е 2 отсто повеќе од пред една година, но повеќе од третина фирми деловната година ја завршиле со загуби, објави словенечката агенција за јавно-правна евиденција АЈПЕС. Според тие податоци, 20.739 словенечки компании, т.е. 34,7 отсто од вкупниот број на компании, лани завршиле во минус. Во компаниите кои ја завршија годината со загуба работат една четвртина вработени во Словенија, а нивната загуба изнесувала 2,3 милијарди евра, што е 39 отсто повеќе од претходната година.

Љубљана – Словенечката енергетска групација Петрол во првиот квартал оствари нето профит од 12,4 милиони евра, 4 отсто помалку во однос на истиот период лани, но и 20 отсто повеќе во однос на плановите, наведе компанијата. Приходите на Петрол истовремено пораснаа за 5 отсто на 947 милиони евра. Заработката пред одбивањето на каматите и даноците, изнесувала 30 милиони евра, во однос на 22,4 милиони од истото тромесечје лани, додава компанијата.

Токио – Јапонскиот електронски гигант Хитачи најави дека во следните три години ќе отвори уште 24.000 работни места во светот, очекувајќи годишна оперативна мрежа од 7 отсто (во однос на 4,7 отсто колку што изнесува сега), благодарение на заштедата од 3 милијарди евра. Компанијата која вработува 326.000 луѓе, заедно со Тојота и Панасоник се наоѓа меѓу јапонските фирми со најголем број вработени. Овој конгломерар, во својот поширок асортиман, освен електроника има и нуклеарни реактори, возови, како и машини за перење на алишта и скенери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП