9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК на Светскиот коморски конгрес во Сиднеј

ССК на Светскиот коморски конгрес во Сиднеј

Бизнис-делегација на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) ден пред почетокот на престижниот 10. Светски коморски конгрес, кој годинава се одржува во Сиднеј од 19 до 21 септември, оствари официјални средби со амбасадорот на Република Македонија во Австралија, Веле Трпевски, и со претседателот на Македонско-австралиската стопанска комора, Ѓорги Михајлов.

„На средбата одржана со извршниот директор на ССК, Александар Зарков, и претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, се дискутира за потенцијалите за соработката меѓу компаниите од двете земји преку размена на искуство, заеднички вложувања, како и за влез на поголем австралиски капитал во Република Македонија“, соопшти ССК.

Македонските бизнисмени од Австралија инвестираат во нашата земја претежно во секторот градежништво, а се извезуваат претежно прехранбени производи.

На средбата исто така била нагласена и потребата за збогатување на туристичката понуда на Македонија за дијаспората.

Делегацијата на ССК учествува и на конференциите во рамките на Светскиот коморски конгрес, кои се организирани пред официјалното отворање на конгресот. Исто така, делегацијата на ССК учествуваше и на конференцијата во организација на Азиско-пацифичките комори за трговија и индустрија (CACCI) во чии рамки високи претставници на државниот и приватниот сектор на 6 одделни тркалезни маси дискутираа на значајни прашања од областите: вода, енергија и животна средина, храна и земјоделство, здравје и едукација, олеснување на трговијата, ИКТ, како и развој на малите и средните претпријатија.

Во пресрет на официјалниот почеток на 10. Светски коморски конгрес, Сиднеј е центарот на бизнис-лидерите од петте континенти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП