19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев присуствуваше на отворањето на новата фабрика „ОДВ електрик“

Анѓушев присуствуваше на отворањето на новата фабрика „ОДВ електрик“

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваше на свеченото отворање на фабриката на компанијата „ОДВ електрик“ во Технолошко-индустриската развојна зона Охрид/Струга. Вицепремиерот упати честитки до менаџментот и вработените во компанијата за отворањето на новиот производствен капацитет и притоа на присутните им ги претстави основните постулати на планот за економски раст, односно мерките за стимулирање и поддршка на нови инвестиции.

„Компаниите, каква што е и „ОДВ електрик“, се добредојдени во Македонија и ќе бидат сестрано поддржани. Новите инвестиции што ќе се вклучат во новата програма за поддршка, која вчера ја промовиравме, ќе бидат уште посилно поддржани од Владата. Доколку „ОДВ електрик“ немаше потпишано договор за државна помош и сега донесеше одлука за инвестиција, јас ви гарантирам дека државната поддршка би била и повисока“, истакна вицепремиерот.

Освен „ОДВ електрик“, во Македонија има уште три компании што работат на производство на кабли за автомобилската индустрија, а вицепремиерот токму тука гледа можност за зголемена соработка помеѓу домашните и странските компании.

„Веќе имаме четири странски компании што изработуваат кабли за автомобилската индустрија во Македонија, сметам дека е добра идеја да имаме и еден домашен производител што би ги снабдувал со репроматеријали овие компании, да не мора да ги увезуваат од странство, со што би се споиле синџирот на производство и синџирот на набавки, а македонската економија би имала поголеми придобивки. Странските компании нема да бидат задолжени да купуваат македонски производи, но би ги замолиле да им помогнат на домашните да го достигнат потребниот квалитет на производство, а Владата силно ќе ја поддржи соработката помеѓу домашните и странските компании“, рече вицепремиерот.

Според изјавите на менаџментот на „ОДВ електрик“, оваа компанија досега инвестирала 4,7 милиони евра во изградба на производствениот погон и набавка на опрема и во неа работат 220 лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП