21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАKомплетно исчистен Усјанскиот канал

Kомплетно исчистен Усјанскиот канал

По налог на Градот, екипи на ЈП Улици и патишта Скопје спроведоа активности и комплетно го исчистија коритото на Усјански Канал.

Усјанскиот Канал е бетонски, со должина од 3 200 метри и со променлива широчина на коритото (од 5 до 7 метри), во зависност од конфигурацијата на теренот. Каналот поминува низ територијата на две општини, односно од населеното место Усје, во општината Кисела Вода, преку Градинар преминува на територијата на општина Аеродром, во населбата Лисиче и селото Лисиче и се влева во реката Вардар.

Коритото на Усјански Канал се чистеше машински и рачно таму каде што е недостапен теренот, под мостот на булеварот Борис Трајковски и под другите мостови, беа исчистени околу 19 000 квадратни метри од нискостеблеста вегетација и комунален отпад и беа собрани околу 400 камиони со наноси од кал и други отпадоци.

Денеска работниците ја почнаа и операцијата за миење на каналот со шмркови, којашто ќе трае сè додека не се измие целото негово корито со што конечно ќе биде исчистен каналот и ќе се затвори проблемот со Усјанскиот Канал.

–Пред неколку месеци при акција на ЈП Водовод и канализација со внатрешно снимање на овој канал, со камери за откривање диви приклучоци е утврдено дека во Усјанскиот Канал е приклучена цевка за фекална канализација на која се приклучени околу 500 куќи од улицата Марко Орешковиќ. По утврдувањето на состојбата на теренот се подготви техничко решение за пренасочување на оваа цевка, односно таа е поврзана на фекалните отпадни води од Стакларница и истите ќе се испуштаат во новоизграден фекален колектор со профил ф 600 мм, покрај Усјанскиот Канал, соопштуваат од Град Скопје.

Согласно со Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, реките Серава, Лепенец, Треска и на отворените канали на подрачјето на Град Скопје за 2017 година, екипите на Градот ќе продолжат да ги чистат и одржуваат коритата на реките и на каналите под негова надлежност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП