4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСредба на Заев со шефицата на ММФ: Ќе се зголемува процентот на...

Средба на Заев со шефицата на ММФ: Ќе се зголемува процентот на БДП, без да се зголеми дефицитот

Премиерот Зоран Заев, придружуван од дел од економскиот тим во Владата, денеска се сретна со Јесмин Рахман, шефица на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија.

„Ориентирани сме кон развој и финансиска стабилност на државата. Создаваме услови за економски напредок и цениме дека е тој можен, низ поддршка на инвеститорите, посебно домашните претпријатија и отворање нови работни места. Но, мудро креираме одржливи политики, што ќе овозможат стабилност на Буџетот и фискална стабилност“, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека заложба на Владата е да го зголемува процентот на БДП, без да го зголемува дефицитот на државата. Заев соопшти дека новата Влада скрати милиони евра непродуктивни трошоци и дека парите се пренасочени кон проекти за капитални инвестиции, што ќе го покаже и Буџетот за 2018 година.

„Нашата цел е финансиска стабилност на граѓаните и семејствата. Покрај политиките на поддршка на домашните претпријатија насочени сме кон градење пријателски односи со соседите, регионот и земјите членки на ЕУ и НАТО од што веќе имаме првични резултати на заинтересираност на странски инвеститори за вложувања во Македонија. Политиките на Владата насочени кон стратешките цели на Република Македонија, евро-атлантските интеграции се дополнително охрабрување за домашните и странските инвеститори и оттаму со право веруваме дека економската клима во државата ќе даде видливи резултати“, додаде премиерот.

Заев порача дека Владата има креативни и енергични министри кои работат на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, но кои се истовремено свесни за потребата од одржлива финансиска стабилност во државата и на тој начин и во иднина ќе работи Владата. Оценка на состанокот е дека луѓето го чувствуваат транспаретното работење на Владата што ја релаксира атмосферата на економски план и отвора шанси и можности за развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП