Европскиот парламент (ЕП) одобри дополнителни 500 милиони евра за Иницијативата за невработеност на младите, како дел од зголемувањето од 1,2 милијарди за периодот 2017-2020-та.
Пратениците го усвоија планот со 574 гласови во корист, против беа 113 и двајца воздржани, додавајќи 500 милиони евра во буџетот на ЕУ за 2017-та година, информира ЕП.
Во својата резолуција за Предлогот за изменување и дополнување на буџетот, тие ја повикуваат Комисијата и земјите-членки да обезбедат дека сите 500 милиони евра се потрошени до крајот на 2017-та година.
„Борбата со невработеноста кај младите останува еден од главните предизвици со кои се соочува ЕУ, бидејќи во некои региони е драстично висока. Затоа 500 милиони евра оваа година не може да бидат крајот. Парламентот ќе продолжи да се бори за повеќе финансиски средства за борба против невработеноста на младите“, рече известувачот на ЕП, Јенс Гајер.
Во април 2017-та година, европратениците поддржаа ревизија на долгорочниот буџет на ЕУ. Ова доведе до дополнителни 6 милијарди евра за работни места, за раст и борба против миграцијата, вклучувајќи 1,2 милијарди евра за Иницијативата за вработување на младите (ИУД) помеѓу 2017-та и 2020-та година.
Иницијативата за вработување на младите беше лансирана во 2013-та година за да им помогне на младите луѓе кои не учат, не се обучуваат и не работат. Тие мора да бидат на возраст под 25 години и да живеат во регион каде невработеноста кај младите е над 25% во 2012-та година.
Според Европската комисија, Иницијативата обезбеди директна помош за повеќе од 1,4 милиони млади луѓе од 2013-та година (податоци од октомври 2016-та година).