4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа децата со пречки во развојот ќе им се понуди еднакво општество

На децата со пречки во развојот ќе им се понуди еднакво општество

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерката за образование, Рената Десковска, денеска присуствуваше на промоцијата на македонската верзија на документот „Меѓународна класификација на функционирање“, од новата фаза од кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ во организација на УНИЦЕФ.

На промоцијата, на која учествуваат претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, претставници на невладини организации и многубројни граѓани, премиерот Заев ги потврди цврстите заложби на Владата.

„Владата на Република Македонија развива инклузивно општество на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот“, истакна премиерот Заев.

За да бидат достигнати овие благородни општествени цели, премиерот Заев порача дека треба сите одговорни чинители во општеството да го пренасочат погледот од пречката кон целта, а целта претставува општество со еднакви шанси за децата со прелки во развојот.

„Затоа, овде сум како премиер да потврдам дека Владата на Република Македонија го поддржува меѓународниот документ на УНИЦЕФ, ‘Меѓународната класификација на функционирање’, и веќе влеговме во подготовките за примена на овој документ на УНИЦЕФ“, соопшти премиерот Заев.

Во однос на правилникот за функционална анализа, премиерот Заев истакна дека е подготвен и дека се работи на обуки за специјализирани експерти во областа на здравството и социјалната заштита, кои ќе можат успешно да работат со децата со пречки во развојот за да овозможат нивен индивидуален развој.

Претседателот на Владата на Република Македонија посочи дека Владата работи и на приоритетите за унапредување и приспособување на инфраструктурата која ќе ги задоволи потребите на лицата со пречки во развојот.

Премиерот Заев ги коментираше резултатите од анкетата направена од УНИЦЕФ за проблемот со низок степен на контакт со лица со пречки во развојот, за неможноста децата со попреченост да ги развиваат своите потенцијали како другите деца и порача дека Владата на Република Македонија ќе работи на тоа да ги промени овие перцепции со тоа што ќе ги отвори шансите и можностите за децата со пречки во развојот.

„Преземаме обврска како Влада, со нашите посветени инклузивни политики, на вклучување на сите во општеството, да го извлечеме потенцијалот од децата со пречки во развојот и да дадеме пример на светот дека со искрена волја пречките стануваат мотивација на патот кон целта, а нашата цел е општество за сите и живот за сите во нашата земја, Република Македонија“, го заврши своето обраќање пред присутните премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП