Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по повод 100 дена Влада ја информира јавноста за законите, мерките и решенијата на кои им се посвети изминатиот период, а кои беа со цел да донесат реален бенефит и финансиска поддршка за повеќе категории граѓани. Таа рече дека како што беше ветено во владината програма, се посветиле на враќањето на парите кон граѓаните, извлекување на граѓаните од сиромаштија и градење хуман, праведен и ефикасен систем за социјална заштита.
Според Царовска, ова е единствено вистинската насока во која таа ќе продолжи да работи и во иднина набројувајќи притоа неколку поважни измени донесени во првите сто дена, како што се Законот за минималната плата, таканаречениот закон за стечајци, како и измените во Законот за социјалната заштита, кои се веќе во собраниска процедура.
Додаде дека Министерството во овие сто дена подготвува темелна реформа на системот на социјална заштита бидејќи сегашниот е неефикасен и неправеден, оптоварен со комплицирани административни процедури. За таа цел веќе е формирана работна група составена од претставници на МТСП, граѓански организации и професори од областа, кои ќе работат на подготвка на нов предлог-закон за социјална заштита. Обезбедена е поддршка од меѓународните организации, пред сè, од Светска банка, но и од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Министерството ја менува и праксата во однос на исплатите на средствата за социјална и детска заштита, кои ќе се исплаќаат редовно. Царовска акцент стави и на инспекциските контроли, но и на измените во делот на оперативниот план за програми и мерки за вработување.
„Во изминатите 100 дена инспекциите работеа на терен, особено во периодот на топлотниот бран и извршија повеќе од 300 инспекциски контроли и изрекоа над стотина мерки. Безбедноста и здравјето при работа се приоритет на Владата на Република Македонија, затоа Владата ја усвои и националната стратегија, со која се предвидени конкретни мерки за подобрување на состојбите во оваа област.
Во делот на детската заштита информира дека се преземени конкретни чекори во насока на зголемување на опфатот на децата во градинките. Во моментот се реконструира и опожарената градинка во Шуто Оризари, со што ќе им се помогне на над 200 семејства во општината. Во тек е изградба и опремување на тринаесет детски градинки, со што ќе се зголеми опфатот за 682 деца до крајот на годината. Во врска со големиот недостиг на стручни кадри во центрите за социјална работа во државава, што е и еден од најголемите проблеми и пречка за нивно ефикасно работење и поддршка за граѓаните, беа објавени огласи за вработување 29 стручни социјални работници во првата фаза од планираните 60 вработувања. Исто така, завршени се реконструкцијата и опремувањето на 30 центри за социјална работа.
Исто така, овозможено е повторно враќање на 910 лица во системот на социјална заштита, кои претходно го изгубиле правото поради добивање пари преку брз трансфер. Се почна и со процесот на подготовка на институциите за ратификација на Истанбулската конвенција. За таа цел обезбедени се 300 илјади евра за три центри за упатување жртви на сексуално насилство и еден шелтер-центар за заштита на жртви на сексуално насилство.
Од другите позначајни мерки и активности, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го истакна формирањето на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем, во кој членуваат сите релевантни институции и компании, а по двегодишна пауза повторно беше ставен во функција и Советот за социјална сигурност, кој веќе предложи мерки за подобрување на стандардот на нашите повозрасни граѓани. Обезбедени се и средства во буџетот за усогласување на пензиите во 2017 година.
„Во МТСП сега се троши одговорно и домаќински. Во ова министерство не смее да има никакво луксузирање, ниту исплата на нереално високи хонорари. Нашата најголема привилегија е што успеавме да ги вратиме насмевката и довербата во системот кај Ристе и Владо од Велес и малата Мерсида, која растеше под еден скопски мост. И уште многубројни вакви приказни за кои плачеме кога слушаме на вести, но сега имаме можност да создадеме систем кој ќе им помага на овие семејства, без да треба да се изложуваат во медиумите за да го решат својот проблем. Во таа насока ќе продолжам и во иднина, односно сè додека ја имам довербата на граѓаните за извршување на мојата функција“, истакна Царовска во својот отчет за првите 100 дена Влада.