10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа секој Македонец постојат по 167 илјади денари! Колку имате вие?

За секој Македонец постојат по 167 илјади денари! Колку имате вие?

348 милијарди и 72 милиони. Ова е збирот на сите денари што постојат – во паричниците, во касите, под душеците, во сефовите, но и на трансакциските сметки и штедните книшки. Доколку подеднакво би се поделиле за секој Македонец би имало по 167 илјади и 850 денари.

Податоците на Народната Банка (НБРМ) за паричната маса заклучно со јули покажуваат дека најголем дел од денарите се електронски, постојат само на сметките во банките, 318 милијарди и 441 милион. Во кеш односно отпечатени и исковани банкноти и монети има само 29 милијарди и  632 милиони денари. Има речиси 11 пати повеќе денари на банкарските сметки отколку што постојат готови пари во оптек.

Како се создаваат денарите? Се умножуваат со секој одобрен заем! Депозитите не стојат во трезорите на банките туку се распределуваат како кредити, а само минимален дел се задржува како „задолжителна резерва“ која мора да се чува.

Оваа стапка ја одредува централната банка на секоја земја, кај нас тоа е НБРМ, претставува еден од инструментите на монетарната политика со кој се влијае на кредитирањето. Како дополнување, банките можат да држат резерви и над пропишаниот минимум, наречени доброволни резерви, со кои можат да бидат посигурни дека нема да се соочат со недостиг од готовински средства.

Но, како се креираат парите? На пример, при стапка на задолжителна резерва од 10%, кога ќе се депонираат 100 денари, банката чува само 10, останатите 90 ги нуди како кредит. Така од 100 се добиваат 190 денари. Но, и овие 90 денари можат да завршат како депозит, банката ќе чува само 9, а останатите 81 ќе ги позајми. На овој начин од првичните 100 реални, отпечатени, денари се прават 100 + 90 + 81 или 271 денар. Процесот нема ограничување, освен задржувањето за резерва.

Но, кога банката креира пари, истовремено создава и обврска за оние кои позајмуваат. На крајот на овој процес на креирање пари економијата е поликвидна во смисла дека има повеќе средства за размена, но не е побогата од претходно.

Затоа во Македонија, но и во сите држави, има неколкукратно повеќе електронски, депозитни од реални, отпечатени пари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП