17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовиот Луна парк ќе биде готов на почетокот на следната година

Новиот Луна парк ќе биде готов на почетокот на следната година

Новиот скопски Луна парк ќе биде готов на почетокот на следната година. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, по денешниот увид на градилиштето, најави дека во зависност од временските услови, паркот може да биде завршен и порано.

Изградбата на новиот Луна парк почна пред три месеци.

„Се работи на подземна инсталација или инфраструктура, што подразбира фекална канализација, атмосферска канализација,  водоводна и електрична мрежа под земјата. Градежната фирма којашто е избрана треба да направи партерно  уредување на целиот парк, покрај тоа ќе ја изгради и  влезно-излезна партија, објекти за администрацијата, тоалети и други придружни објекти, за што се издвоени околу 100 милиони денари и очекуваме сите овие работи да бидат завршени до крајот на оваа или почетокот на следната година“, рече градоначалникот Трајановски.

Во првата фаза од проектот ќе се постават адреналински, полуадреналински и 3 детски реквизити, како и еден воз на шини. Вреноста на ова инвестиција според градоначалникот е околу 130 милиони денари.

„Се очекува сите реквизити да пристигнат до крајот на годинава, а да се монтираат на почетокот на следната година. Некои реквизити се веќе во магацините на овие добавувачи  и се чека потребната документација за нивна монтажа. Бидејќи ова е прв забавен парк во Република Македонија со вакви реквизити, ние сме во консултации со Министерството за економија и инспекторати за да ги добиеме  сите потребни документи за безбедноста и функционирањето на овие реквизити. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект, односно за градежните работи, набавката на реквизитите и нивното монтирање е околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра“, рече градоначалникот Трајановски.

Планот е дополнително да се набавуваат реквизити и во следните години во рамките на овој износ од 6,5 милиони евра и во текот на 2018, 2019 година , а доколку има потреба и во текот на 2020 година.

Со капиталниот проект за изградба на нов забавен парк на Град Скопје, скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк. Во него треба да бидат поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и други забавно-рекреативни содржини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП