3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија бара речиси 8.000 работници!

Македонската економија бара речиси 8.000 работници!

Во Македонија има околу 8.000 слободни работни места. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика и на Агенцијата за вработување. Од друга страна стапката на невработеност останува на високи 22.9%. Каде е проблемот?

ДЗС: се бараат 7.580 работници!

Македонската економија бара 7.580 работници! Ова е бројот на слободни позиции според најновите податоци на ДЗС кои се однесуваат на вториот квартал од годинава.

Најмногу работници се бараат во секторите: преработувачка индустрија (2.609), трговија (1.434) и угостителство (847).

По региони најголема потреба од работници има Скопски (3.523 слободни места), а најмала Полошки (158).

Последните податоци на ДЗС за невработеноста покажуваат дека стапката во првиот квартал изнесувала 22.9% односно дека во земјава има 734.043 вработени и 218.601 невработени.

АВРМ: најбарани продавачи и преработувачи

Според Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов на пазарот на труд има 7.963 слободни работни места. Овие податоци покажуваат дека најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото.

Најбарани занимања се продавач, работник во погон и општ работник.

АВРМ тврди дека заклучно со крајот на јули во земјава имало 98.354 невработени и 96.537 заведени во категоријата „други лица кои бараат работа“.

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Средното стручно образование треба да испорача: шивачки, бравари, столари, заварувачи, армирачи, лимари, повеќе профили на градежни работници, металостругари, монтери, автомеханичари, електроинсталатери, преработувачи на овошје и на зеленчук за потребите на преработувачката индустрија.

Сериозни дизбаланси на пазарот на труд

И покрај високата стапка на невработеност компаниите тешко доаѓаат до соодветно обучен и стручен кадар.

Бизнисмените велат дека пазарот на труд има сериозни дисбаланси – вишок на правници и економисти, недостаток на инженери и програмери.

„Ако знам како родител дека моето дете ќе има поголема шанса ако биде програмер, ќе направам се за тоа, преквалификациски курс или што и да е. Ако го не го направам тоа, ако моето дете стане правник ќе влезе само во масата каде има огромна конкуренција“ изјави неодамна Дарко Велков, сопственик на vrabotuvanje.com.

Од друга страна и инсистирањето да се заврши факултет, односно да се добие диплома предизвикува проблеми на пазарот. Тоа се согледува и во огласите за работа – многу тешко се доаѓа до продавачи, шивачи, заварувачи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП