3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРЕК Битола ќе добие филтри за штетни гасови

РЕК Битола ќе добие филтри за штетни гасови

Премиерот Зоран Заев вчера оствари работна средба со претставници од граѓанското движење „За нас се работи“, од Битола.На средбата присуствуваа и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски. 

На средбата беа изнесени проблемите со загадувањето од РЕК Битола на градот Битола и пелагонискиот регион, поткрепени со бројни показатели од претставниците на граѓанската иницијатива, кои потенцираа дека овој проблем веќе со години е причина за зголемена смртност и бројни заболувања.

Премиерот заедно со заменик министерот Макрадули и директорот на ЕЛЕМ, Миновски, демонстрираа подготвеност да се реши овој горлив проблем за Битола и за пелагонискиот регион при што повикаа на формирање на заеднички работни групи со претставници од сите страни, вклучително и од сите граѓански организации, за што поголем и активен придонес во имплементирањето на мерките за решавање на проблемот со аерозагадувањето на Битола.

Беше заклучено и тоа дека е неопходна стандардизација на процесот на отпепелување на РЕК Битола, и дека врз тој процес транспарентна контрола и надзор треба да имаат и граѓанските здруженија од пелагонискиот регион. Макрадули ги повика сите здруженија на граѓани  од областа на животната средина да пристапат кон потпишување на меморандум за соработка со министерството, и преку таквото партнерство да се динамизира решавањето на проблемите со загадувањето.

Директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, рече дека уште следната недела, ќе отпочне подготовка за јавна набавка за отпепелување, а најави и набавка на електростатички филтри, како уште една мерка за намалување на штетните емисии од гасови од РЕК Битола.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП