28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАТрејлерот за новата македонска серија „На терапија“ (видео)

Трејлерот за новата македонска серија „На терапија“ (видео)

„Да знаат пациентите што све ми поминува низ глава, веројатно ниту еден не би се вратил кај мене никогаш“, е скокотливата реплика на Никола Ристановски и неговиот карактер д-р Терзиев со која почнува долгоочекуваниот трејлер за новата македонска серија „На терапија“.

Двеминутниот трејлер, дефинитивно, зборува многу за четириесет и петте епизоди што следуваат. Широкиот дијапазон на емоции, напнатоста и заразната тензија без дилема ќе го разбудат секое чувство, освен рамнодушноста. Се чини дека во меланхоличната соба во која се одвиваат сесиите на д-р Терзиев и неговите пациенти, најсветлата точка е неговата ламба, а најмирно пливаат рибите во аквариумот.

Низ кадрите може да се вкуси изведбата на низа комплексни карактери и уште покомплексни животни приказни. Расплаканата Јелена Јованова во улогата на Милена ги соголува своите чувства и буквално и фигуративно. Висар Вишка во улогата на Гент и Драгана Костадиновска во улогата на неговата сопруга Зана моќно ја доловуваат тензијата во нивниот брак и се слика и прилика на тоа дека по смеење, доаѓа плачење.
Ангела Димитрова во улогата на тинејџерката и пливачка Ивана ги скока сите барања за дозволи. Тони Наумовски во улогата на војникот Владо плаче исто толку силно колку што провоцира. Во солзи е и Амернис Нокшиќи во улогата на Ана Терзиева, сопругата на д-р Терзиев. А во сето тоа единствениот глас на разумот е Бедија Беговска во улогата на психотерапевтот д-р Вера Арсиќ.

„На терапија“ започнува со емитување на 18 септември на ТВ „Сител“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП