19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ќе ги стимулира компаниите да даваат поголеми плати

Владата ќе ги стимулира компаниите да даваат поголеми плати

Вицепремиерот Анѓушев на состанок со стопанствениците од Велес: Новиот концепт за привлекување на инвестиции можност за развој на сите компании

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев на покана на Регионалната комора во Велес оствари средба со претставниците од бизнис секторот во Велес и околните места.

На оваа средба, на која присуствуваа четириесетина претставници на компании, Анѓушев презентираше дел од мерките од новиот владин концепт за привлекување на инвестиции кои се во подготовка и ќе бидат презентирани на целата јавност кон средината на месец септември.

Тој даде кус осврт на новиот концепт за привлекување на инвестиции, кој ќе биде транспарентен, со јасно дефинирани критериуми, без можности за дискрециони одлуки на било кој член на Владата и со кој еднакво ќе се третираат домашните и странските компании.

„Новиот концепт за привлекување на инвестиции што го развиваме, а кој е во согласност со Законот за директна државна помош, соодветно и еднакво ќе ги третира домашните и странските инвеститори, без разлика дали ќе работат во технолошко индустриските или локалните индустриски зони или надвор од нив. Ќе се поддржуваат здрави компании, кои покажуваат раст во нивното работење и кои сакаат да ги прошируваат своите капацитети. Посебен фокус ќе се стави на извозно ориентираните компании, кои создаваат производи со повисока додадена вредност, пред се затоа што Македонија е мал пазар и сакаме да имаме конкурентни компании и на меѓународните пазари“, порача Анѓушев пред бизнисмените.

Вицепремиерот истакна дека во тек е детална анализа за тоа колку средства, во форма на директна државна помош беа наменети во минатите години за поддршка на странските инвестиции и дека набрзо сите податоци ќе бидат јавно презентирани.

Оваа влада, додаде вицепремиерот, ќе се насочи и кон иднината, при што истакна неколку мерки со кои смета дека навистина ќе се поддржи македонското стопанство и кои ќе придонесат за забрзан развој на фирмите, со што растот на бруто домашниот производ би изнесувал околу 5 отсто на годишно ниво.

„Ќе ги задржиме младите во Македонија. Со директна финансика поддршка од Владата, по претходно утврдени критериуми, ќе се стимулираат компаниите кои ќе исплаќаат повисоки плати за одреден процент од минималната плата дефинирана со закон. Дополнително, со цел да се задржат младите стручни кадри со завршено високо образование, ќе се стимулираат фирмите да исплаќаат повисоки плати, а дел од примањата, повторно по претходно дефинирани критериуми, ќе биде надоместен од страна на државата. На тој начин очекуваме дека ќе бидат задоволни и компаниите и работниците. Компаниите ќе бележат развој и ќе имаат задоволни вработени, ќе имаме раст на платите за работниците и ќе ги задржиме младите и стручни кадри во земјата. Сепак треба да се нагласи дека станува збор за вработени во нови инвестиции, а тие компании ќе треба да покажат и добивка во завршните сметки за да добијат поддршка од државата“, дополни вицепремиерот Анѓушев.

На состанокот стопанствениците изнесоа и свои идеи, размислувања и проблеми со кои се соочуваат во работењето, а кои се однесуваат на подобрување на инфраструктурата, административни работи како и интервенции во закони и подзаконски акти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП