3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПромовиран Технолошкиот парк на УЈИЕ во Тетово

Промовиран Технолошкиот парк на УЈИЕ во Тетово

park

На Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово денеска во присуство на министрите за економија и за образование и наука, Ваљон Сарачини и Панче Кралев, беше промовиран Технолошкиот парк како прва ваква институција во Македонија.

Ректорот на УЈИЕ, Замир Дика информираше дека паркот е нивна инвестиција вредна околу 50 илјади евра, а целта е да послужи како бизнис инкубатор преку кој сите студенти можат да ги реализираат своите бизнис-идеи во пракса со користење на најсовремениот софтвер и хардвер со кои располага Универзитетот.

– Овој технолошки парк е фокусиран на ИКТ индустријата бидејќи тоа е во согласност со стратегиските цели на јавната политики за економски развој во државата и во регионот. Втората причина е тоа што ИКТ секторот кај нас покажува знаци на одржлив развој. Како последна причина е кадровскиот потенцијал што го нуди универзитетот во областа на компјутерските науки, компјутерското инжинерство и бизнис информатиката, рече ректорот Дика.

Иновацијата како главен производ на овој прв технолошки парк во Македонија, потенцира министерот Кралев, има големо значење и претствува можност за најуспешна комерцијализација на знаењето.

– Во Македонија веќе работи Комитетот за иновации во кој учествуваат и Министерството за образование, како и за економија. Овие два чинитела со помош на ОБСЕ веќе имаат изработено и Стратегија за поттикнување на иновациите што треба да се преточи преку новиот закон за иновативна дејност што веќе е во собраниска процедура, изјави министерот Кралев.

Министерот Сарачини посочи дека согласно извештајот на Европската комисија студентите покажуваат големо теориско знаење но, подвлече, тоа не е случај со праксата.

– Затоа, овој технолошки парк е инвестиција што и требаше на Македонија долго време, а тоа е само продолжение на таканареченото паметно партнерство – државни институции, реален стопански сектор и универзитетите што дава добра основа за понатамошен развој на општеството, рече Сарачини.

Според градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи општината максимално ќе ги поддржи ваквите иницијативи во кои знаењето е најважниот фактор за постигнување и развој во иднина на регионот, но и пошироко.

Во рамки на Технолошкиот парк на УЈИЕ има простор за 9 компании кои постојано ќе бидат присутни во Универзитетот како можност на студентите да ги реализираат своите идеи во ИКТ секторот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП