4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКипар закрепнува, дали банките ја научија лекцијата

Кипар закрепнува, дали банките ја научија лекцијата

Банката на Кипар, најголемиот кредитор во оваа медитеранска островска држава, објави загуба од повеќе од пола милијарда евра за првите шест месеци од оваа година.

Ваквиот минус следеше откако банката ги зголеми резервирањата за лоши кредити.

Банката соопшти дека во првата половина од 2017 година издвоила дополнителни 500 милиони евра на име на лоши кредити, пренесува агенцијата Франс прес.

Тоа на кредиторот му нанесе загуба по оданочувањето од 554 милиони евра (667 милиони долари) во извештајниот шестмесечен период, во однос на профитот од 56 милиони евра во првата половина од 2016 година.

Генералниот директор Џон Патрик Хурикан изјави дека банката е фокусирана на намалувањето на ризиците во својата билансна состојба.

Очекуваме во остатокот од 2017 година да продолжиме со користење на оперативната добивка на банката за понатамошно ублажување на ризикот во билансната состојба, изјави тој.

Кипар закрепнува од финансиската криза која многу нејзини водечки банки ги турна во несолвентност и ја принуди земјата во 2013 година да договори спасувачки пакет финансиска помош со меѓународните кредитори, тежок 10 милијарди евра, во замена за спроведување на ригорозни мерки.

Во оптимистичното соопштение, банката укажа на тоа дека динамиката на економскиот раст на Кипар во вториот квартал од оваа година е втората најбрза во Европа. Банката на Кипар исто така наведе дека групата повеќе од двојно го зголемила износот на нови кредити во првите шест месеци во однос на истиот период минатата година, на 1,1 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП