Спортската поделба на „Volvo“ – „Polestar“, ќе пушти на пазарот специјална серија на моделите „S60“ и „V60“ која ќе брои едвај 1.500 примероци. Моделите на „Polestar“ уживаат огромен интерес во светот, откако експертите од компанијата, која веќе е во сопственост на „Volvo“, со години докажуваат дека можат да ги претворат здодевните и сигурни шведски машини во возбудливи спортски и дури тркачки автомобили.
Секако, искуството стекнато од „Polestar“ во светскиот шампионат за туристички автомобили (WTCC), каде „Volvo“ учествува со „S60“ и компанијата се претставува од „Polestar“ и тимот „Cyan Racing“, ќе биде користен и при сериските автомобили. Ова се однесува за некои аеродинамични елементи кои беа на моделот „S60“ на „Нирбургринг“, каде шведскиот модел запиша рекорд меѓу седаните, кој подоцна беше подобрен од автомобили на „Alfa Romeo“ и „Porsche“.
Аеродинамичниот пакет, кој доаѓа од „WTCC“ вклучува сплитер под предниот браник, пошироки прагови, спојлер на багажникот и дифузер, како и сите елементи кои се произведени од композитни материјали. Во споредба со обичните „S60“ и „V60“, доработените автомобили добиваат 250 нови или изменети детали.
Седанот и караванот добиваат 2-литарски 4-цилиндричен бензински мотори со моќност од 367 коњски сили и максимален вртежен момент 470 Nm, кои работат со 8-степен автоматски менувач, а во верзијата „Polestar“ моќта се пренесува на четирите тркала.
Доработка на „Polestar“ вклучува и прилагодливи амортизери „Ohlins“, 80% поцврсти задни пружини, 6-клипни сопирачки апарати „Brembo“ и слично, вклучувајќи и 20-инчни гуми „Michelin Pilot Super Sport“ со димензии 245/35 мм. Максималната брзина и на двата модела е електронски ограничена на 250 км/ч, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч е за 4,7 секунди (S60) и 4,8 секунди (V60).
Секој од овие 1.500 автомобили ќе добие плочка со редниот број од ограничената серија, а цената на овие верзии на „S60“ и „V60“ се уште не е објавена.