6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПри крај е реконструкцијата на училиштето во Горно Нерези

При крај е реконструкцијата на училиштето во Горно Нерези

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска беше на увид во реконструкцијата на училишниот објект во Горно Нерези, кој претставува дел од основното училиште „Братство“ во населбата Тафталиџе 2.

Како што појасни првиот човек на локалната самоуправа, Општината со сопствени буџетски средства ќе изврши целосна реконструкција на внатрешноста од објектот, при што ќе се оспособат училници за спроведување на наставниот процес. Исто така, ќе биде опремена и канцеларија за наставниот кадар што ќе предава во ова училиште.

– Училиштето е изградено во 1937 година и, да бидам искрен, нам како локална самоуправа од финансиски аспект повеќе ни одговараше да обезбедиме транспорт за седумте ученичиња до училиштето „Братство“ во населбата Тафталиџе 2. Но, во консултација со месното население, сепак одлучивме да не го рушиме објектот и да изградиме комплетно нов, туку да го реновираме зачувувајќи го автентичниот изглед бидејќи мештаните се емоционално врзани за него зашто со сопствени напори го граделе во далечната 1937 година. Седум Албанчиња ќе следат настава почнувајќи од оваа учебна година – појасни Јакимовски.

Првиот човек на општината категорично истакна дека обврската за реконструкција, реновирање и изградба на училишта е на Министерството за образование и наука, но Општината Карпош со свои финансиски средства го реконструирала ова училиште, како и сите училишта претходно што се наоѓаат на територијата на самата локална самоуправа.

– Во општина Карпош постојат десет основни училишта. И покрај тоа што надлежното министерство треба да биде одговорно за нивното одржување, ние во изминатите години извршивме целосна реконструкција, реновирање и подобрување на амбиенталниот простор во сите училишта. За оваа намена сме одвоиле околу 7 милиони евра, пари од буџетот на локалната самоуправа – нагласи градоначалникот на општината.

Општинскиот татко Стевчо Јакимовски потенцира дека инвестицијата за реконструирањето на училиштето во Горно Нерези ќе чини околу 90.000 евра, а изведувач на градежните работи е фирмата „Мастаф“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП