19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФорум за агротрговија и економска соработка во Словенија

Форум за агротрговија и економска соработка во Словенија

Заедничка декларација за улогата на меѓународната трговија и синџирот за снабдување со храна на локално и глобално ниво беше усвоена од министрите од Централна и Источна Европа и од НР Кина на денешниот 12. Форум за агротрговија и економска соработка, кој се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија.

Министрите за земјоделство кои се дел од платформата за соработка во областа на земјоделството „16+1“ дискутираа за напредокот на соработката во областа на земјоделството во текот на изминатата година. Тие позитивно ги оценија реализираните активности врз основа на упатствата од Рига за соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина и среднорочната агенда за меѓусебна соработка.

Во своето обраќање на Форумот македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека меѓународната трговија и синџирот за снабдување со храна, како на глобално така и на локално ниво, се значаен фактор за ублажување на сиромаштијата и постигнување на безбедноста на храната како една од целите за одржлив развој на Обединетите нации, што исто така е дел од заедничката декларација од овој состанок на министрите.

„Посветувајќи голема важност на механизмот за соработка „16+1“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија има одиграно многу активна улога сметајќи од основањето на Здружението за унапредување на соработката во земјоделството меѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина. Ве уверувам дека како Влада ќе продолжиме да даваме конструктивен и вреден придонес за понатамошен развој на заедничките проекти и активности кои ќе ја унапредуваат трговијата со земјоделски производи и храна, истражувањето и развојот, размената на добри практики за одржливо земјоделско производство и преработката на храна. Земјоделството игра важна улога во македонската економија бидејќи тоа е третиот најголем сектор веднаш по услугите и индустријата. Владата на Република Македонија постави амбициозна агенда и ќе направи сериозни интервенции за да се постигне конкурентност на земјоделскиот сектор преку зголемување на производството, висок квалитет на производите, стандардите на безбедност на храната и одржливото искористување на природните ресурси“, изјави Николовски.

Со усвојувањето на заедничката декларација министрите се обврзаа за преземање сет мерки со цел понатамошна промоција на соработката во земјоделството во согласност со платформата за соработка во областа на земјоделството „16+1“, а врз основа на рамноправност и заемна корист. Предвидените мерки се во насока на понатамошно зајакнување на соработката во земјоделското производство, преработка на земјоделски производи, развој на рурални средини, научни истражувања, поттикнување заеднички инвестиции и поддршка на земјоделски компании за да се направат инвестиции во рамките на „16+1“, олеснување на трговската соработка, забрзување на тековните процедури за одобрување и трговија со земјоделските производи помеѓу земјите што се дел од платформата „16+1“.

Заменик-претседателот на владата на Словенија и министер за земјоделство, Дејан Жидан, изрази голема благодарност до колегите од Централна и Источна Европа и од НР Кина за нивната посветеност на процесот на унапредување на соработката во областа на земјоделството во рамките на платформата „16+1“. Зајакнувањето на политичката и економската соработка меѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина е една од главните цели на платформата „16+1“.

Годинава земја домаќин на Форумот е Словенија, а министрите од Централна и Источна Европа и од НР Кина дадоа поддршка домаќин на 13. Форум за агротрговија и економска соработка да биде Литванија.

Инаку, Форумот е во рамките на 55. издание на Саемот за храна и земјоделство AGRA FAIR 2017, што се одржува во Горња Радгона, Словенија. Како клучен настан кој годинава го одбележи саемот е токму официјалната средба во рамките форумот и платформата „16+1“ помеѓу министрите од земјите од Централна и Источна Европа и од НР Кина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП