9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦаровска: Ќе се унапредуваат правата на лицата со попреченост

Царовска: Ќе се унапредуваат правата на лицата со попреченост

Воведување персонални асистенти за лицата со попреченост, остварување право на туѓа нега, мобилност, слепило или глувост без разлика на примањата, туѓа нега да добиваат и лицата со умерена попреченост, укинување на конзилијарното мислење за туѓа нега, надомест за скратено работно време за родителите, а децата со попреченост и по својата 26. година и продолжување по службена должност на посебниот додаток за децата со трајна дијагноза, се новините што ги предвидуваат измените во законите за социјална и детска заштита на кои работи Министерството за труд и социјална политика.

За измените со кои треба да се унапредат правата на овие лица и да се отстранат бариерите за нивно остварување министерката Мила Царовска денеска разговараше со претставници на граѓански здруженија од оваа сфера, родители и корисници на вакви права.

– Со измените првпат во Македонија се воведува правото на персонален асистент и се создава законска основа да се реализира она за што досега со години го зборувавме дека се потребни вакви асистенти во училиштата, во домот, за социјално дружење и живеење. Со тоа се дава и можност за развојна програма, со што Македонија првпат се обврзува и дека ќе воведе персонална асистенција, ќе воведе персонални асистенти – рече Царовска.

Таа додаде дека измените предвидуваат и тоа дека правото на туѓа нега, слепило, мобилност или глувост ќе се остварува без разлика на нивните месечни примања, нешто што досега им било скратено. Иако тие се права како компензација за нивната инвалидност во согласност со Уставот, рече министерката, тоа досега беше поврзано со приходите. Се предвидува и право на туѓа нега и за лица со умерени пречки, а таа за сите категории ќе се остварува без конзилијарно мислење.

– Досега граѓаните беа оптоварени и финансиски со 1.200 денари за конзилијарно мислење и 500 денари за упат од матичен лекар за конзилијарно мислење. Сега тоа се укинува и првостепената комисија ќе ги посетува граѓаните во домашни услови и по претходна дијагноза и отпусно писмо од болница, тие ќе си го остварат правото на туѓа нега – појасни министерката Царовска.

Во согласност со овие измени надоместокот за скратено работно време родителите со деца и лица со пречки и во развојот ќе може да го остваруваат и по својата 26. година.

Предвидено е и центрите за социјална политика по службена должност да го продолжуваат посебниот додаток за децата со трајна дијагноза, односно во случаи кога не може да има унапредување на нивната здравствена состојба.

Царовска истакна дека предложените мерки се усогласени со граѓанските организации и со родителите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП