28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Зголемено кредитирање на домаќинствата, намалено на корпоративниот сектор

НБРМ: Зголемено кредитирање на домаќинствата, намалено на корпоративниот сектор

Вкупните кредити, во јули годинава остварија месечен раст од 0,3%, кој во целост се објаснува со зголеменото кредитирање на домаќинствата, при намалено кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, стапката на кредитен раст изнесува 4,9%, при најзначаен придонес во растот на кредитите одобрени на секторот домаќинства (90,7%).

Вкупните кредити на корпоративниот сектор овој месец забележаа надолна месечна промена од 0,2%, главно како резултат на намалувањето на девизното кредитирање, кое го надминува растот на денарското кредитирање. Од друга страна, кредитната активност кон корпоративниот сектор на годишна основа е зголемена за 0,8%, при што растот на денарските кредити го неутрализираше ефектот на намалувањето на девизните кредити.

Во јули, кај вкупните кредити на домаќинствата е регистриран месечен и годишен раст од 0,8% и 9,8%, соодветно. Притоа, месечните и годишните зголемувања во најголем дел се должат на растот на денарските пласмани (придонес кон растот од 86,2% и 90,9%, соодветно).

Од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, во јули е забележан месечен раст од 1,1% и 0,5%, соодветно, при годишен раст од 12,0% и 13,7%, соодветно. Кај автомобилските кредити продолжува надолниот тренд, при месечно и годишно намалување за 0,9% и 10,8%, соодветно. Натаму, овој месец кај кредитите одобрени на кредитни картички е евидентиран месечен раст од 0,2%, наспроти годишниот пад од 0,5%, додека кај негативните салда на тековните сметки е регистриран месечен и годишен раст од 1,0% и 4,5%, соодветно. Кај кредитите одобрени врз други основи во текот на јули е забележано месечно намалување од 0,6%, при годишен раст од 1,5%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП