29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМТСП: На крајот на годината Владата ќе ја разгледа можноста за зголемување...

МТСП: На крајот на годината Владата ќе ја разгледа можноста за зголемување на пензиите

Претходната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не предвидела никакво покачување на пензиите при донесувањето на Буџетот за 2017 година. Со донесување на ребалансот на Буџетот за 2017 година, од страна на актуелната влада, се обезбедија средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година, реагира Министерството за труд и социјална политика во врска со денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која рекоа дека пензионерите нема да го добијат најавеното покачување.

„Лажни се наводите изнесени од страна на ВМРО ДПМНЕ дека во 2016 година пензионерите добиле усогласување од 7.500 денари, бидејќи со измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (во септември 2016 година) Владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе усогласување на пензиите во 2016 година само со исплата на ноемвриската пензија, која се исплати во декември. Значи, пензионерите во 2016 година добија еднократно 630 денари со ноемвриската пензија. На пензионерите им било ускратено правото, според кое, како растат трошоците на живот, така да растат и пензиите. Ние го враќаме системското, праведно решение“, се вели во реакцијата.

Усогласувањето на пензиите во 2017 година, велат од таму, се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

„Имено, усогласувањето на пензијата се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%. Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи“, се вели во реакцијата.

Со оваа формула на усогласување на пензиите, велат од таму, се обезбедува еднаквост на корисниците на пензијата бидејќи пензијата е лично право и се остварува од остварениот работен стаж и платите.

„Претходните решенија за усогласување на пензиите во номинален износ, односно за сите еднаков износ, е решение кое може да се примени во услови кога се остварува „државна пензија„ која се финансира од даноци и не зависи од работен стаж. Во услови кога пензискиот систем се основа на стаж на осигурување и остварени плати, усогласувањето на пензиите треба да биде на секоја индивидуална пензија“, стои во реакцијата.

Од МТСП велат дека усогласувањето на пензиите од 1 јануари 2017 година изнесуваше 0,82%, а усогласувањето на пензиите од 1 јули 2017 година ќе изнесува околу 1 отсто.

„Владата на Република Македонија на крајот на годината ќе ја разгледа можноста да се изврши и дополнително зголемување на пензиите“, се вели во реакцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП