19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали ќе поскапи струјата? Се најавува либерализација на пазарот!

Дали ќе поскапи струјата? Се најавува либерализација на пазарот!

Либерализацијата на пазарот на струја ќе биде приоритет за новата Влада. Експертите предупредуваат дека мора многу да се внимава за де не дојде до нагло покачување на цените. Од друга страна се најавува враќање на евтината тарифа преку ден.

Се подготвува нов закон за енергетика

Во подготовка е нов закон за енергетика. Се очекува да влезе во Собрание во ноември. Од Владата велат дека во него ќе бидат пресликани европските правила и регулативи.

„Станува збор за реформски закон што ќе биде усогласен со обврските што се превземени од Енергетска заедница за имплементација на третиот пакет, што претставуваат сет на директиви и регулативи на Европската Унија. Рокот до кога требаше да се имплементира третиот пакет беше 1 јануари 2015 година, а непочитувањето на превземените обврски беа причина Европската енергетска заедница да отвори спор против Македонија“ се наведува во соопштението на Владата.

Претходната власт ја одложи имплементацијата на третиот пакет во кој влегува либерализацијата на пазарот и за домаќинствата тврдејќи дека тоа ќе доведе до драстично поскапување на струјата. Рокот од 2015-та беше поместен на 2020-та.

Новата тврди дека нема одлука за поскапување бидејќи Владата не е таа која ги одредува цените.

Регулаторната комисија за енергетика во последните две години минимално ја намалуваше цената на струјата за по 0.25%.

Либерализацијата се турка и под притисок на Европската Енергетска заедница (ЕЕЗ).

„Процесот мора да продолжи и главните победници ќе бидат пред се, малите и средните фирми што се оптоварени со големи обврски за субвенционирање на другите сектори“ – изјави неодамна првиот човек на ЕЕЗ, Јанез Копач.

Експерти: слободниот пазар би значел повисоки цени

Либерализацијата на пазарот несомнено ќе ја поскапи струјата за домаќинствата, сметаат енергетичарите. Според нив иако Владата не ја утврдува цената со ваквиот потег индиректно ќе предизвика поскапување.

„Претходната Влада цврсто стоеше на ставот дека нема да има поскапување на струјата. Останува да видиме што ќе направи новата. На берзата цените се одредуваат од понудата и побарувачката. Има дневни, месечни и годишни цени кои варираат. Не е благодарно да се предвидува, но многу е веројатно дека цените би оделе нагоре“ смета проф. д-р Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.

Цената неминовно ќе расте и поради малото домашно производство, сметаат експертите. Сега околу 30% од потребите се задоволуваат од увоз.

Фирма на вицепремиерот Кочо Анѓушев меѓу најголемите трговци

Законските измени ги турка вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој доаѓа токму од енергетскиот сектор. Неговата компанија ЕДС (Енерџи деливери солушнс) е меѓу најголемите играчи на пазарот.

Откако беше именуван во Владата Анѓушев ги напушти раководните позиции во ЕДС, но остана дел од сопственичката структура иако тогаш компанијата најави дека ќе се направи промена и во овој дел.

„Менаџментот на ЕДС информира дека во согласност со бизнис програмата и акцискиот план за работа во изминатиот период од неколку месеци се водат преговори за целосна промена на сопственичката структура на ЕДС Македонија. Во преговорите, менаџментот на компанијата особено се концентрира на стабилноста и развојот на компанијата во иднина, имајќи ги предвид сите инволвирани субјекти. Процедурите за промени на сопствеништвото ќе бидат спроведени во согласност со законската регулатива во државата“ соопшти компанијата откако Кочо Анѓушев влезе во Владата.

На официјалниот сајт пишува дека ЕДС е единствена македонска компанија што има развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и искуство во набавка на струја на слободен пазар, членка на меѓународната берза за набавка на струја.

Владата најавува враќање на евтината тарифа

Од друга страна Владата останува на предизборното ветување за враќање на евтината тарифа на струјата.

„Владата предводена од СДСМ презема иницијатива и ги интензивира активностите за воведување евтина тарифа на струјата секој работен ден, по два часа. Со домаќинско и одговорно работење на државните претпријатија ЕЛЕМ и МЕПСО ќе се обезбедат услови за воведување евтина тарифа, со што мерката нема да наштети никому“ се наведува меѓу другото во партиското соопштение.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека воведувањето на евтина тарифа повторно би удрило на грбот на граѓаните – разликата ќе мора од некаде да се надомести. Според енергетичарите пред да се преземе кој било чекор неопходно е да се направи длабинска анализа.

„Тоа ќе ги зголеми трошоците во буџетот кој се полни или од даноците или од задолжување, значи повторно се враќаме кај граѓаните. Наместо евтина тарифа подобра варијанта би било да се продолжи одреден период проектот за субвенционирање на сметките за струја на социјално загрозените жители, ним најмногу им треба поддршка“ смета проф. д-р Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.

Секретаријатот на Енергетска заедница веќе дал зелено светло за воведување на евтината дневна тарифа за струја за домаќинствата, информираат од Владата.

За да се реализира ова, неопходна е измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи. Токму затоа Владата веќе и дала препорака на Регулаторната комисија за енергетика да почне разговори на оваа тема со засегнатите страни.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП