4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата со низа одлуки за финансиското работење на јавните претпријатија

Владата со низа одлуки за финансиското работење на јавните претпријатија

Владата информира дека на вчерашната седница биле донесени одлуки по вкупно 51 точка на дневен ред.

По предлог на Комисијата за економски систем и тековна економска политика, Владата го разгледала годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година, а заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања ја запозна Владата со Информација во врска со одржан состанок во Секретаријатот на Енергетска заедница во Виена и притоа истакна дека законот за воведување на ефтина тарифа во снабдувањето со електрична енергија треба да биде ставен во приоритетните закони.

Владата го разгледала и годишниот Извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година. На седницата се дискутирало и за состојбите во ИПА фондовите и нивното имплементирање во контекст на идно подобро и попродуктивно искористување на можностите што ги нудат фондовите преку институциите на системот. На седницата на Владата било разгледано финансиското работење на Јавното претпријатие за државни патишта за периодот јануари-март 2017 година. Владата со одлука му наложила на ЈП да одреди надзорен орган и рокови и во кои ќе изврши надзор над извршените работи од градежните компании.

Бил дискутиран и усвоен и извештајот за финансиското работење на ЈП МЖ Инфраструктура, како и годишната сметка т.е Финансискиот извештај и Извештај за работењето за 2016 година на АД за поштенски сообраќај-Македонска Пошта Скопје.

Владата со одлука ги одобрила годишните сметки за финансиското работење на двете јавни претпријатија и нивниот финансиски извештај и ја задолжи АД за Поштенски сообраќај-Македонска Пошта Скопје да подготви програма за намалување на непродуктивни трошоци и во рок од два месеци да ја достави до Владата на Република Македонија.

Владата ја разгледала и информацијата за прогрес на активностите поврзани со реализација на Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места, Проектот за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години и Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица до 29 години.

Мислењето за овој проект било дека е со мала реализација според сите анализи и Владата ја задолжила Агенцијата во рок од 40 дена да изготви заклучок и анализа со точни и прецизни податоци, изразени преку бројки, за да се добие јасна слика за досегашната имплементација на овој проект. На седницата се донела одлука да го испрати во редовна собраниска процедура Предлог-законот за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација. Во Законот се предвидени 15 емисии на обврзници за денационализација, а Владата на Република Македонија со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците што ќе се издаваат. Годишниот износ се утврдува врз основа на надоместокот даден во обврзници со решенијата кои станале правосилни во тековната година. Со Предлог законот се предлага дополнително издавање на уште три емисии на обврзници за денационализација, со цел исплата на обврзниците кои ќе бидат утврдени со решенијата кои ќе станат конечни во претстојниот период.

На оваа седница Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за буџетите и буџетските корисници и да го достави до Собранието на Република Македонија, и ја усвои Информацијата за примена на принципот на финансиска транспарентност кај јавните претпријатија со заклучок, во рок од 20 дена да го достават до Владата.

На седницата министрите дискутирале и за Информацијата во врска со реализацијата на проектот „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во градот Скопје“, и се разгледуваа можности и финансиски аспекти на можни варијанти за започнување со проектот со кој главниот град Скопје ќе добие прочистителна станица. Владата го задолжила Министерството за финансии, Министерството за животна средина и Град Скопје, во одредена временска рамка да изготват предлог за изнаоѓање финансиски механизми, кои би довеле до конечно отпочнување на изградба на овој проект.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП