28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКулминираше кризата во ССМ – промена на лидерската позиција

Кулминираше кризата во ССМ – промена на лидерската позиција

Кулминираше кризата во Сојузот на синдикатите – битката за фотелјата резултираше со турканици и со искршено стакло. Дарко Димовски кој конечно го доби решението од Централниот регистар со полициска асистенција влезе во Работничкиот дом.

Досегашниот претседател Живко Митревски вели дека ќе го почитува решението, но најавува тужби против министерката за труд, директорката на Централен регистар и сите други кои како што вели го прекршиле законот и помогнале да се инсталира Дарко Димовски кој според него е нелегално избран.

„Правниот систем е поништен со донесувањето на решението на Централен регистер. Денес не се почитува ниту наредбата на Основното јавно обвинителство кое заради фалсификувани исправи кои беа доставени беше забранет уписот… Не се почитува судската пракса и судските одлуки, како и она што значи меѓународна конвенција за слобода на организирање на синдикатите која директно забранува какво и да е мешање во синдикатите“ изјави Митревски.

Од друга страна новиот синдикален лидер вели дека ќе го врати синдикатот на работниците, ќе работи на воспоставување нови организации и на потпишување нови колективни договори.

„Од денес започнува ново поглавје на синдикализмот во Македонија со кое ќе се врати достоинството на работниците и сите работници без разлика дали се или не се членови на ССМ ќе можат да ги остварат своите права“ вели Димовски.

Превирањата во ССМ траат речиси една година. Во 2015-та Живко Митревски беше реизбран за втор мандат кој требаше да трае до 2019-та. Со ова не се согласуваа дел од гранковите синдикати кои подоцна свикаа седница на советот и го изгласаа Дарко Димовски за лидер, по што останатите се спротивставија и ги исклучија „непослушните“ од членство во Сојузот.

Целиот случај заврши и на суд – Управниот пресуди во корист на Митровски, но Врховниот ја преиначи одлуката во корист на Димовски. Сепак, Централниот регистар не постапи по решението се до промената на власта и назначувањето нов директор кога и доби директен налог од Министерството за труд и социјала да ја спроведе судската одлука и да го впише новиот лидер.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП