Министерството за земјоделство на Хрватска утре ги враќа цените на инспекцискиот надзор на овошјето и зеленчукот при увоз од трети земји.
Според агенциите, ваквата одлука ќе биде објавена в петок кога ќе биде соопштен новиот правилник за висината на давачките за увоз, кои, наместо 2.000 куни (274 евра), се очекува да бидат 90 куни (12 евра). Но, давачката нема да биде од камион туку ќе се плаќа според видот на овошјето и на зеленчукот што се увезува.
Токму висината на давачките предизвика жестоки реакции во земјите од регионот, кои не се членки на Европската Унија и кои веднаш најавија, а некои и презедоа контрамерки.
Контролата на овошјето и понатаму останува во сила, а секоја пратка што влегува во Хрватска мора да исполнува одредени услови за квалитет – овошјето да не биде изгниено, оштетено или неозначено.