18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на Анета Ивановска-Симјановска во Прилеп

Изложба на Анета Ивановска-Симјановска во Прилеп

Изложбата на дела од Анета Ивановска-Симјановска ќе биде отворена утре, 11 август, во 20 часот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Делата изобилуваат со драматика, динамичност и импулсивност преточени во специфичен ликовен ракопис што влијае врз емотивниот сензибилитет кај гледачот будејќи ги рационалните сомнежи и претпоставки.

Носат поплава од сензибилни асоцијации што дејствуваат мошне силно создавајќи патокази кон основната идеја. Пулсираат со див ритам и енергија, одушевуваат со бесконечни креативни замисли исполнети со многубројни детали на величествената нефигуративност. Сликањето е процес во кој се одразува човечката несвесност. Делата не се создадени според природата, туку креирани заедно со неа.

Асоцијативните пејзажи откриваат актуелен момент на една универзална визуелна медитација што ги надраснува границите на сопствената стварност претворајќи се во своевидна виртуелна реалност. Пејзажите се само асоцијативно допрени, повеќе замислени отколку претставени. Во нив се пренесени најмногу емоциите со кои се доживеани. Тоа е постигнато со ликовните елементи, првенствено со колоритот што најдобро го одразува уметничкиот сензибилитет, моментното расположение, поетскиот експресивен занес. Сликите се лични изјави во кои со видливиот потег на четката забележува траги од сопствената меморија и акција.

Анета Ивановска-Симјановска е родена во Скопје, 1976 год. Завршува средно уметничко училиште ДСУЛД „Лазар Личеноски“ во1994 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 2000 година во класа на професор Танас Луловски – сликарство со конзервација и реставрација. Член на ДЛУМ е од 2002 година. Учесник е на повеќе групни изложби и ликовни колонии. Живее и работи во Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП