18 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАМултимедијален проект на Охридско лето

Мултимедијален проект на Охридско лето

Во рамките на фестивалот Охридско лето денеска ќе биде претставен мултимедијалниот проект „Човек е трепет, и ангелот трепет е, а ти Боже мој….“ од уметникот Драган Спасески Охридски.

Спасески (роден 1960 година, доктор специјалист ортопедски хирург) соединил три големи теми во сликарството, од кои секоја има духовен карактер, своја историја и карактеристики, а понекогаш и проткајувања. Создавајќи прв во Македонија и меѓу малобројните во светот на сликарството што имаат одлики на религиско, еротско и фантастично, отворил нови изразувачки можности, длабоко свесен дека поголемиот број уметници во модерната и постмодерната имаат сосема недуховен, лишен од каков било повисок или спиритуален интерес.

Во прашање е сликарство кое се движи од реализам, кога е во прашање портретот, до асоцијативна симболика, кога станува збор за фигуративната симболика.

Спасески досега ги реализирал следните мултимедијални проекти: Апокалиптичен нарцис (1989 год.), Сè трепери (1996 год.), Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли (1999 год.), Вибрација, креација, совршена релација (2001 год.), Охридски ангели (2003 год.), Погледни во себе (2004 год.), Трите точки (2008 год.), Охридски бисери на мудроста (2010 год.), Битолска трилогија (2011 год.).

Речиси сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги поезија со истоимениот наслов, како и мултимедијалниот проект и архитектонски ентериерни креации.
Новиот мултимедијален проект е во форма на хиаку-песна:
човек е трепет
и ангелот трепет е
а ти Боже мој…
Овој проект, кој ќе биде презентиран денеска во црквата „Света Софија“ со почеток во 22 часот, претставува доживување на уметноста како дел од бесконечноста и вечноста продолжувајќи ја љубовта кон човечкото… ангелското и Божјото.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП