5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКинеските девизни резерви на максимум

Кинеските девизни резерви на максимум

Кинеските девизни резерви пораснаа во јули повеќе отколку што се очекуваше, достигнувајќи го двомесечниот максимум.

Причината е заострената регулатива и послабиот долар кои влијаеа на намалувањето на одливот на капитал.

Девизните резерви се зголемени во јули за 24 милијарди долари на 3,08 илјади милијарди долари, во однос на растот од 3,2 милијарди долари во јуни, пренесува агенцијата Ројтерс.

Економистите во анкетата на британската агенција предвидуваа раст од 12 милијарди долари.

Ова е прв пат од јуни 2014 година Кина да бележи раст на девизните резерви шест месеци последователно, кои сега се на највисокото ниво од октомври минатата година.

Кина ги заостри прописите за изнесување на капитал од земјата во последните неколку месеци во настојување да ја поддржи домашната валута јуан и да го запре падот на девизни резерви. Минатата година, Пекинг потроши скоро 320 милијарди долари резерви за поддршка на националната валута, но јуанот и покрај тоа ослаби околу 6,5 проценти во однос на растечкиот долар, што е неговиот најголем годишен пад од 1994 година.

Оттогаш, јуанот зајакна за повеќе од 3,0 проценти во досегашниот тек на годината, благодарение на големиот пресврт во движењето на курсот на доларот и новите мерки на Пекинг кои ги „исчистија“ шпекулантите на пазарот кои се обложуваа на понатамошна депресијација на валутата.

Вредноста на кинеските златни резерви порасна на 75,08 милијарди долари на крајот на јули, од нивото од 73,58 милијарди долари на крајот на јуни, според податоците на Народна банка на Кина, наведува британската агенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП