4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски: Нови 10 милиони евра директна поддршка за земјоделците

Николовски: Нови 10 милиони евра директна поддршка за земјоделците

Владата на вчерашната седница донесе одлука за директна поддршка во износ од 10 милиони евра, пари што ќе стигнат во рацете на овоштарите, лозарите, сточарите и полјоделците, а тоа ќе значи и поддршка на домашното производство на храна, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„Со измените на програмата за директни плаќања им излегуваме во пресрет на барањата на земјоделските здруженија за зголемување на субвенциите за производителите на пченица, кои годинава имаа ниски приноси поради лошите временски услови. Токму затоа земјоделците ќе добијат дополнителни 6.000 денари за хектар пченица, тоа се 2 милиона евра повеќе од субвенциите што ги добиваат сега. За јачменот е предвиден дополнителен 1 денар за килограм предаден кај регистрирани откупувачи. Со оваа мерка ќе се надоместат штетите и ниските приноси од годинешната жетва“, рече Николовски.

Тој додаде дека 25 илјади лозари и 15 илјади овоштари ќе имаат зголемена субвенција од 10 отсто од хектар со цел да се надомести дел од штетата, главно поради измрзнувањето на насадите. За градинарите се издвоени дополнителни 10 отсто од висината на сегашните субвенции за хектар, а за сточарите поддршката е преку зголемените субвенции од 10 отсто за хектар фуражни култури. Или, рече Николовски, тоа се уште 2 милиона евра предвидени за реализација на овие мерки.

Особено е важна, рече Николовски, мерката за финансиска поддршка од 10.000 евра неповратни средства за млад земјоделец.

„Распишуваме оглас за пријавување млади земјоделци, а новите критериуми за аплицирање ќе помогнат средствата да завршат кај вистински земјоделци“, рече министерот.

Тој рече дека е донесена уште една измена во интерес на земјоделците поради, како што рече, пропуст на минатата влада.

„Се работи за субвенциите за подигање повеќегодишни насади. Со оглед на тоа што рокот од 29 февруари воопшто не бил објавен, им излегуваме во пресрет на земјоделците што извршиле есенско подигање во 2016 година и на оние што извршиле пролетно подигање во 2017 година. Сите што подигнале насади ќе може да поднесуваат барања за исплата до 1 септември“, рече Николовски.

Само овие две нови мерки, рече тој, ќе овозможат директен трансфер на шест милиони евра за земјоделците до крајот на годината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП