29 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАОдбележување на 57.роденден на Охридско лето со мултимедијалниот спектакл „Вивалдијано“

Одбележување на 57.роденден на Охридско лето со мултимедијалниот спектакл „Вивалдијано“

Со музичко-сценскиот спектакл „Вивалдијано“ вечерва на сцената на Античкиот театар ќе биде одбележан 57. роденден на фестивалот Охридско лето.

Овој мултимедијален мегапроект претставува вонвременски спој на уметничка изведба на 16 истакнати музичари од различни стилови. Тие ќе изведуваат класични дела на Вивалди базирани на барок.

Како што најави директорката на фестивалот Охридско лето, Сузана Вренцовска, станува збор за досега невидена аудио и видеоопрема што ќе биде поставена на сцената на Античкиот театар и воопшто на фестивалот Охридско лето.

Според неа, приоритет на оваа институција е домаќинското работење, почитувањето на фестивалската традиција, но и носењето проекти што ќе остават силен печат врз публиката.

Според селекторот на музичката програма, Ѓорѓи Цуцковски, во основата на проектот „Вивалдијано“ се композициите на извонредниот италијански композитор Антонио Вивалди, но, како што нагласи, претставен на нов возбудлив начин преку вешто спојување на касичната музика со модерни елементи.

Јакуб Швејда, организаторот на турнејата на „Вивалдијано“, истакна дека Античкиот театар е можеби најдоброто место за старт на проектот.

На денешната прес-конференција, традиционално, беше пресечена роденденската торта за 57. Охридско лето. Роденденот се одбележува на 4 август зашто на тој ден пред 57 години во црквата „Света Софија“ оперската дива Ана Липша Тофовиќ го одржа првиот концерт пред фестивалската публика.

Фестивалот Охридско лето од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Финансиски е поддржан од Министерството за култура, а се одржува под покровителство на претседателот на државата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП