4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМВР распиша оглас за вработување на 500 полицајци

МВР распиша оглас за вработување на 500 полицајци

Министерството за внатрешни работи распиша оглас за вработување на 500 полицајци.

Предвидено е повеќето од нив да бидат распоредени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје – 360 извршители; потоа во Секторот за внатрешни работи Битола – 20 извршители; во Секторот за внатрешни работи Охрид – 30 извршители, во Секторот за внатрешни работи Струмица – 20 извршители; во Секторот за внатрешни работи Штип – 20 извршители; во Секторот за внатрешни работи Куманово – 20 извршители; во Секторот за внатрешни работи Тетово – 10 извршители и во Секторот за внатрешни работи Велес – 20 извршители.

Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука. Кандидатите што ќе ја поминат обуката, ќе потпишат договор за вработување во Министерството.

„Министерството за внатрешни работи укажува дека, во согласност со законот, полицаецот со договорот за вработување се обврзува да остане на работа најмалку пет години на работното место полицаец сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, тој е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука, и тоа зголемени трипати“, соопшти МВР.

Кандидатите за полицајци треба да бидат државјани на Р. Македонија; да се полнолетни, а да не наполниле 25 години ако првпат засноваат работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование; активно да го користат македонскиот јазик; со безбедносна проверка да се утврди дека не постои безбедносен ризик од нивното вработување; да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.

Во однос на посебните услови се бара висина од најмалку 175 см (маж), односно 165 см (жена) и висока лична физичка подготвеност.

Сите информации за огласот се објавени на веб-страницата на МВР, mvr.gov.mk. Рокот за пријавување е до 15 август, сметано од утре.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП