3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци од областа на машинството, енергетиката и...

ЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци од областа на машинството, енергетиката и хидрауличното инженерство

elem

АД ЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци од областа на машинството, енергетиката, екологијата и хидрауличното инженерство. Ова го предвидува Меморандумот за соработка што компанијата денеска го потпиша со Машинскиот факултет од Скопје и Факултетот за природни и технички науки во Штип.

Согласно Меморандумот, на стипендистите ќе им биде овозможено да стекнат и практични искуства преку нивно ангажирање и работа во ЕЛЕМ.

– Инвестирањето во знаењето и во младите кадри е од особено значење за развојот на македонската индустрија, за економијата и за државата воопшто, истакна директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски по парафирањето на документот.

Според деканот на Машинскиот факултет Атанас Кочов, идните кадри мора да бидат едуцирани, но и подготвени да одговорат на техничко-технолошките предизвици.

Како што истакна деканот на Факултетот за природни и технички науки во Штип Зоран Панов, Меморандумот ќе го подигне нивото на соработка меѓу трите институции. – Студентите и постдипломците ќе имаат комплетен увид во она што ќе биде нивна професија преку учество на семинари, работилници, проекти. Воедно, етаблирани експерти од нашите факултети ќе ги советуваат стручните кадри во ЕЛЕМ за одредени проблеми и за воведување модерни технологии во секојдневното работење, нагласи Панов.

Одговорајќи на новинарски прашања на различни теми, директорот на ЕЛЕМ Бошковски информира дека компанијата најдоцна утре ќе ги достави своите трошоци за работа до Регулаторната комисија за енергетика. Тој не прецизираше дали ќе има корекции во цената на струјата.

– Состојбата со акумулациите е стабилна, нивото за овој период од годината е одлично. Дел од термоелектраните дури се и исклучени токму поради зголемените водостои, а некои електрани го исполнија планираното производство, рече Бошковски.

Во врска со проектот „Шар Планина – мастер-план“ веќе се изготвува документацијата за да се објави огласот за јавно-приватно партнерство. Почнати се активностите од првата фаза кои ќе траат оваа и наредната година, а се однесуваат на жичницата, езерото, реновирањето на хотелите, паркинг-просторот и ски патеките. За дел се распишани тендерите. Гондолата од Тетово до Попова Шапка е поголем проект, опфатен со третата фаза од мастер планот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП