18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците со бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран

Македонците со бронзен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран

Македонските средношколци – информатичари постигнаа уште еден значаен успех, освојувајќи бронзен медал на 29-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ), која од 28-ми Јули до 4-ти Август се одржува во Техеран, Иран.

На овој најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци ширум целиот свет, Македонија учествува со тим составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Филип Михов, Димитар Бајрактаров и Марко Ќаласан, предводени од лидерите, д-р Марија Михова и д-р Кире Триводалиев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Овие ученици беа избрани во целогодишен циклус натпревари кој е редовно организиран од Здружението на информатичарите на Македонија, а оваа година се одржуваше по 28-ми пат.

ИОИ е врвниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Во речиси 90 држави од светот секоја година се организираат национални натпревари во програмирање. На овие натпревари учествуваат огромен број ученици, сите со единствена желба – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На ИОИ 2017 учествуваат вкупно 304 ученици од 82 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои 17-годишниот Филип Михов. Треба да се напомене дека и останатите тројца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Димитар Бајрактаров беше на дофат на освојување на бронзен медал – од овој извонреден резултат го делеа само 3 поени.

Во изјавата на претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, кој е и член на интернационалниот комитет на олимпијадата се вели: „Со остварениот резултат, младите наши ученици уште еднаш, по кој знае кој пат, покажаа дека Македонија треба да биде горда на нив.

Почнувајќи од 2010. година нашите претставници на ИОИ континуирано постигнуваат одлични резултати, освојувајќи медали речиси секоја година. Ова потврдува дека со знаењето од областа на компјутерските науки кое го стекнуваат нашите најдобри ученици, а кое редовно го демонстрираат на интернационалните информатички олимпијади, несомнено се на рамниште со најдобрите ученици во светот. Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија досега има освоено 1 сребрен и 15 бронзени медали – резултат кој ја става пред цела низа од земји учеснички. Со континуирано залагање, редовно учествуваме под уставното име, а годишното учество беше помогнато од неколку општествено одговорни компании и од Фондацијата Телеком за Македонија.“.

Следната, 30-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2018), ќе се одржи идната година во Токио, Јапонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП